Бензинот поскапе, дизелот поевтине
Малопродажните цени на бензините „еуросупер БС-95“ и „еуросупер БС-98“ се зголемуваат за половина денар за литар, а на дизелот се намалува за еден денар, одлучи Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ). Од ноќеска на полноќ малопродажната цена на „еуросупер БС-95“ изнесува 68,50 денари за литар, додека малопродажната цена на „еуросупер БС-98“ изнесува 70,50 денари за литар. Малопродажната цена на дизелот, пак, ќе изнесува 61 денар за литар.
Франција најголем извозник на вино
Франција минатата година ја потврди позицијата на најголем извозник на вино меѓу земјите од Европската Унија, оставајќи ги далеку зад себе Италија и Шпанија, покажуваат податоците на „Евростат“.
Во 2018 година во ЕУ се продадени околу 15 милијарди литри вино од европско производство. Најголеми производители биле Италија, Шпанија и Франција, а следуваат Португалија, Германија и Унгарија.
Вкупно, земјите од ЕУ лани увезле вино во вредност од 13,4 милијарди евра. Меѓу државите-членки на Унијата најголем увозник на вино во 2018 година била Велика Британија, со вредност на увезеното вино надвор од ЕУ од 1,2 милијарда евра. Следува Германија, со 300 милиони евра, како и Холандија и Франција, со вредност на увезеното вино надвор од ЕУ по 200 милиони евра.
Државни инвестиции го поткрепија порастот на руската економија
Руската економија во октомври пораснала за 2,2 отсто на годишно ниво, поттикнато од инвестициите во стратегиски проекти иницирани од претседателот Владимир Путин, објави рускиот министер за финансии Антон Суливанов. Од руското министерство за економија истакнуваат дека порастот минатиот месец ги надминал очекувањата, но дека не е одржлив со оглед на неговата „компензациска природа“ по забавеното темпо на активности во првата половина од годината. Во третото тримесечје рускиот БДП пораснал на годишно ниво за 1,7 отсто, по порастот од 0,9 отсто во периодот од април до јуни.
„Џенерал моторс“ поднесе тужба против „Фијат-Крајслер“
Американскиот автомобилски гигант „Џенерал моторс“ поднесе тужба против конкурентот „Фијат-Крајслер“, тврдејќи дека ги поткупувал службениците од синдикатот „Јунајтед ауто воркерс“ за да обезбеди поволни договори со работниците и нивна поддршка за планираното спојување.
Од „Џенерал моторс“ тврдат дека поради поткупите претрпеле штета што се мери во милијарди долари.
Тужбата е поврзана со истрагата на сојузните власти за коруптивни активности на извршните директори на „Фијат-Крајслер“ и челниците на синдикатите, се наведува во соопштението на „Џенерал моторс“. Истрагата резултира со голем број апсења.