„Маерск“ инвестира 60 милиони долари во истражувачки центар
Најголемата светска бродска компанија „А.П. Молер-Маерск“ ќе се здружи со водечките индустриски компании за да основа истражувачки центар во Данска, за намалување на емисиите на јаглерод во бродската индустрија.
„Маерск“, кој сака да стане јаглеродно неутрален до 2050 година, соопшти дека истражувачкиот центар ќе го комбинира знаењето од индустријата и науката во „декарбонизацијата“ на индустријата преку развивање јаглеродно неутрални горива и технологии.
Бродската индустрија, која опфаќа околу 80 отсто од глобалната трговија и е одговорна за три отсто од глобалните емисии на јаглерод, вети минатата година дека до 2030 година ќе има подготвени бродови и бродски горива со нула емисија на јаглерод.
Истражувачкиот центар ќе се гради во Копенхаген, а за таа цел мнозинскиот сопственик на „Маерск“, „А.П. Молер фондејшн“ донира 60,36 милиони долари, при што е најавено вработување на 100 луѓе.
Бројот на невработени во САД и натаму расте за 1,5 милион
неделно
Бројот на невработени во САД минатата недела повторно порасна за речиси 1,5 милион, сигнализирајќи застој во закрепнувањето на пазарот на трудот паралелно со зачестените случаи на зараза со коронавирусот.
Вкупно 1,48 милион Американци минатата недела поднеле барање за надомест за невработени, со што нивниот број трета недела едноподруго се задржа блиску до бројката од 1,5 милион.
Министерството за труд благо го ревидира податокот за претходната недела, кој сега покажува дека надомест барале 1,54 милион граѓани, 40 илјади повеќе од првичната процена.
САД се заканија со нови царини за производите од ЕУ
САД ѝ се заканија на ЕУ со царини на редица производи, вклучувајќи и на пивото, чоколадото и маслинките, во долготрајниот спор за субвенциите на производителот на авиони „Ербас“.
Американската канцеларија за трговија објави дека разгледува воведување царини на 30 производи во вредност од 3,1 милијарди долари, наведува Би-би-си.
Заканата се поврзува со долготрајниот спор меѓу двете страни за субвенциите на производителите на авиони „Ербас“ и „Боинг“.
Вашингтон ѝ се жалеше на Светската трговска организација (СТО) поради европските субвенции на „Ербас“ од 2004 година, тврдејќи дека на компанијата ѝ овозможиле нефер предност во однос на „Боинг“.