По шестнеделен раст, остар пад на цените на нафтата
Цените на нафтата на светските пазари минатата недела остро паднаа, првпат по шестнеделниот раст, откако спласнаа надежите за брзо закрепнување на светската економија од корона-кризата, а со тоа и за побарувачката за црното злато.
На лондонската берза цената на барелот минатата недела падна 8,4 отсто, на 38,73 долари, додека на американскиот пазар барелот поевтини 8,3 отсто, на 36,26 долари. Растот на цената на нафтата, што траеше шест недели, минатата недела е прекинат поради стравот дека можеби крајот на пандемијата на коронавирусот сè уште не е на повидок, со оглед на тоа што половина од сојузните држави во САД бележат раст на нови случаи со зараза.
Последните месеци цените на нафтата растеа бидејќи инвеститорите се надеваа на брзо закрепнување на глобалната економија од корона-кризата, благодарејќи на големите фискални и монетарни мерки на поттик на властите низ светот.
Но минатата недела инвеститорите се разочараа од економските процени и пораките на американската централна банка Фед, од каде што беше соопштено дека американската економија би можела да падне 6,5 отсто, додека следната година би пораснала за пет отсто.