Швајцарската влада очекува силен пад на БДП оваа година

Швајцарската економија оваа година ќе забележи силен пад поради мерките за сузбивање на пандемијата на коронавирусот, а потоа бавно ќе закрепнува следната година, покажуваат проекциите на тамошното министерство за економија (СЕЦО).
Според група стручњаци во СЕЦО, бруто-домашниот производ (БДП) оваа година ќе падне за 6,7 отсто, наместо проектираниот пад во март за 1,5 отсто, покажаа ажурираните проекции на министерството. Тоа би бил најголем пад на швајцарската економија од 1975 година.
Претходно овој месец Владата објави дека швајцарската економија поради пандемијата на новиот коронавирус оваа година би можела да падне со двоцифрена стапка.

Многу силен пад на економските активности се очекува во првата половина на 2020 година, бидејќи компаниите се принудени да го ограничат или целосно да запрат со работењето, предизвикувајќи остар пад на производството и личната потрошувачка. Покрај тоа, ситуацијата во меѓународното опкружување е влошена поради нарушувањата во глобалните синџири на набавка. Стапката на невработеност оваа година во просек ќе изнесува 3,9 отсто, покажуваат најновите проекции.

За следната година, групата стручњаци проценуваат дека економијата ќе порасне за 5,2 отсто, што би било релативно слаб пораст во споредба со многу ниската споредбена основа. Според нив, пандемијата и придружните мерки за спречување на заразата би можеле да траат подолго од предвиденото, што значително ќе го забави закрепнувањето.

За пет недели рекордни 26 милиони Американци останале без работа

Само за пет недели рекордни 26 милиони Американци поднеле барања за надомест за невработени, покажува извештајот на американската влада.
Само минатата недела уште 4,427 милиони граѓани поднеле барања за исплата на надомест за невработени, објави американското министерство за труд.
Една недела претходно вакво барање поднеле 5,237 милиони, покажува ревидираниот податок на тоа министерство.

Од средината на март вкупно без работа останале 26 милиони Американци, што одговара на 16 отсто од вкупниот број вработени во САД.
Со тоа се неутрализирани резултатите од најдолгиот период на процут на вработувањата во американската историја, од септември 2010 до февруари оваа година, во кој беа отворени 22 милиони нови работни места.