ММФ: Ниту една земја нема да биде имуна на економскиот пад
Светската економија оваа година ќе доживее пад од три отсто, во време кога многу земји се соочуваат со најголемите економски проблеми во последните неколку децении, соопшти Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Според нив, падот на економијата е најлош од Големата депресија во 30-тите години на минатиот век, а пандемијата го одвела светот во „криза каква што не постоела“. Доколку пандемијата трае подолго, тоа ќе ги тестира способностите на владите и на централните банки да ја контролираат кризата, додава ММФ.
Иако оваа организација ја пофали брзата реакција во земјите како Велика Британија, Германија, Јапонија и САД, сепак истакнува дека ниту една земја нема да биде имуна на економскиот пад.
Се очекува глобалниот раст да се поправи за 5,8 отсто следната година, но само доколку пандемијата заврши во втората половина на 2020 година.
ММФ предупредува дека растот во развиените економии нема да се врати на нивото од пред вирусот до 2022 година.
„Фолксваген“ продолжува со производството во Европа
Германскиот производител на автомобили „Фолксваген“ соопшти дека од следната недела ќе продолжи со производството во погоните за патнички возила во Европа.
Првите фабрики на концернот што ќе продолжат со работа се во Германија и во Словачка, јавува „Асошиејтед прес“. Преостанатите фабрики на „Фолксваген“ во САД, Португалија, Шпанија и во Русија производството ќе го продолжат по 27 април. Фабриките во Јужноафриканската Република, Аргентина, Бразил и Мексико ќе започнат со работа во мај.
Главниот директор на „Фолксваген“ Ралф Брандштаетер рече дека одлуките на различните влади за укинување на мерките воведени заради сузбивање на коронавирусот влијаат врз постепеното отворање на фабриките.