Мексико спречи договор за намалување на производството на нафта
Водечките земји извознички на нафта поради одбивањето на Мексико не постигнаа договор за намалување на производството на нафта, иако и американскиот претседател Доналд Трамп со понуда до мексиканскиот претседател се обиде да помогне за постигнување договор.
Главните земји производители на нафта се обидоа во четвртокот и петокот да се договорат за намалување на производството за повеќе од петтина, за да ги зголемат цените, кои драстично ги урна пандемијата на коронавирусот.
Ријад, Москва и нивните сојузници, кои ја сочинуваат неформалната ОПЕК+, групата на земји извознички на нафта, на маратонските преговори во четвртокот се договорија да го намалат глобалното производство на нафта за 10 отсто, односно 10 милијарди барели дневно, порачувајќи дека би сакале и САД и Канада да го намалат производството за пет отсто.
Но обидите да се постигне договор ги блокира Мексико, кое беше подготвено да го намали своето производство само за четвртина од она што го бараше ОПЕК+.
Франција одвои 20 милијарди евра за докапитализација на големите домашни компании
Француската влада резервира 20 милијарди евра за капитални инјекции во големите домашни компании што се борат за опстанок за време на корона-кризата, изјави францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер.
Тој повторно вети помош за француските компании за надминување на кризата, преку преземање удел или, пак, преку национализација доколку се укаже потреба.
– Одлучивме да издвоиме дополнителни средства за кризна помош, да насочиме 20 милијарди евра во посебен фонд за поддршка на капиталот на компаниите на кои им е потребна, независно а дали се државни или приватни – изјави Ле Мер за радиото „Јуроп 1“.
Парите се резервирани во рамките на пакетот на кризни мерки, чија вредност Ле Мер во четвртокот ја зголеми за повеќе од двојно, на 100 милијарди евра.
Се очекува пакетот да се најде пред парламентарците в среда.