Германија годинава влегува во рецесија
Германија оваа година поради пандемијата со коронавирусот ќе влезе во рецесија, но е добро подготвена да ја надмине кризата, а активностите во 2021 година силно ќе ја закрепнат, прогнозираат водечките економски институти во земјата.
Според пролетните прогнози на пет водечки германски економски институти, бруто-домашниот производ (БДП) оваа година поради карантинот ќе падне за 4,2 отсто. Притоа, активностите во првиот квартал ќе паднат за 1,9 отсто, а во вториот дури за 9,8 отсто, најмногу од 1970 година, кога почнаа да се собираат податоците.
По очекуваниот пад од 4,2 отсто оваа година, германската економија во 2021 година би требало да оствари раст од 5,8 отсто, покажуваат нивните процени.
Извештајот го подготвија институтот ДИВ во Берлин, институтот „Ифо“ во Минхен, институтот „ИфВ“ во Киел, како и институтите ИВХ во Хале и РВИ во Есен.
Коронавирусот му се заканува на производството на батерии
На глобалниот пазар наскоро би можело да дојде до голем недостиг од литиум, клучната компонента во производството на батерии.
Недостигот од овој драгоцен метал би можел да се одрази врз производството на голем број уреди, од мобилни телефони, преку таблети, лаптопи, па до електрични автомобили.
– Моменталната ситуација е толку хаотична, поради што тешко е да се предвиди што нè очекува во иднина – коментираат стручњаците, притоа додавајќи дека моменталната криза со коронавирусот дополнително ја искомплицира ситуацијата на пазарот поради затворањето на многу производствени погони, така што е невозможно со сигурност да се прецизира каква е вистинската состојба.
Покрај недостигот од литиум, дополнителен проблем создава и отежнатиот пласман на стоки на пазарот.