ОН: Земјите во развој имаат потреба од 1.500 милијарди долари
Економистите на Обединетите нации побараа 1.500 милијарди долари за земјите во развој и отпис на нивните долгови во висина од 1.000 милијарди долари за оваа година, за да им се помогне во справувањето со пандемијата на коронавирусот.
Во студијата што ја објави ОН, се истакнува дека „сè потешко е да се предвидат“ последиците од пандемијата на ковид-19 по економијата, но и дека е јасно оти работите стануваат сè полоши за економиите на земјите во развој.
– Иако масовните планови за обнова, кои сега се спроведуваат, овозможуваат да се избегне долгорочна депресија, тие оваа година нема да ја спречат рецесијата на светската економија – се додава во студијата.
Според овие експерти, земјите во развој ќе бидат соочени со големи проблеми поради пандемијата, која досега однесе 35.000 животи од декември минатата година, кога се појави во Кина.
Последиците од пандемијата, во комбинација со светската рецесија, ќе бидат катастрофални за голем број земји во развој, се оценува во студијата, која прогнозира дека тие земји ќе мораат да се соочат со дефицит од 2.000 до 3.000 милијарди долари во следните две години.
Кинеската економија ги покажува првите знаци на закрепнување
Активностите во кинеската индустрија неочекувано пораснаа во март по наглиот пад предизвикан со ширењето на коронавирусот, покажуваат извештаите истакнувајќи ја намалената побарувачка како најголем проблем за компаниите.
Официјалниот индекс на менаџерите на набавката (ПМИ), во март скокна за 16,3 бода во однос на рекордно ниското ниво истиот месец, достигнувајќи 52 бода, информира кинескиот државен завод за статистика.
Вредностите повисоки од 50 бода сигнализираат раст на активностите.
Во државниот завод скокот го припишуваат на рекордно ниското ниво во претходниот месец, предупредувајќи дека не сигнализира стабилизација на економските активности.
Индексот на производството речиси се удвои, на 54,1 бода. Речиси е удвоен и индексот на нови извозни нарачки, но се задржа под 50 бода, што значи дека компаниите и натаму бележат помал број нарачки отколку во претходниот месец.
За да ја сузбие пандемијата, која во Кина однесе повеќе од 3.000 животи, Пекинг воведе драконски мерки на карантин. Во меѓувреме, бројот на заразени во земјата се намали, повеќето компании започнаа со работа, а животот почна полека да се нормализира.
Цените на нафтата паѓаат пет недели едноподруго
Цените на нафтата на светските пазари паднаа и минатата недела, петта едноподруго, бидејќи во светот дојде до парализирање на делови од економијата поради ширењето на коронавирусот, па значително е намалена и побарувачката за црното злато.
На лондонската берза цената на барелот минатата недела падна за 7,6 отсто, на 24,93 долари, додека на американскиот пазар барелот поевтине за 4,5 отсто, на 21,51 долар.
Цените на нафтата минатата недела забележливо осцилираа, во зависност од вестите за поттици во најголемите светски економии со кои се прават обиди да се ублажат економските штети од ширењето на коронавирусот.