ЕБРД воведува солидарен пакет од една милијарда евра
Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) соопшти дека за надминување на проблемите поради пандемијата на коронавирусот, планира да издвои една милијарда евра како помош за компаниите што работат во оперативните региони на ЕБРД.
Пакетот солидарност е прва таква мерка на ЕБРД, која најавува дека е подготвена да направи и повеќе доколку е потребно.
Предлогот е одобрен од акционерите на банката, која примарно инвестира во развој на приватниот сектор во 38 економски послабо развиени земји.
Од овој фонд ќе се финансираат клиенти на ЕБРД со добра деловна основа, кои моментално имаат проблем со кредитна ликвидност.
Претседателот на ЕБРД, Сума Чакрабарти, предупреди дека пандемијата на ковид-19 претставува „предизвик без преседан за ЕБРД и регионалните оперативни центри“.
– За да покажеме солидарност со акционерите, земјите во кои спроведуваме свои операции, нашите партнери и клиенти, создадовме фонд на ЕБРД од една милијарда евра за нашите клиенти што имаат проблеми со ликвидноста, докапитализација или доспеани обврски. Банката е подготвена да одговори и на нови предизвици и активно го приспособува својот финансиски инструментариум во согласност со потребите на земјите-членки и на меѓународната заедница – истакна претседателот на Европската банка за обнова и развој.
Владата ќе им помогне на стопанствениците ако има потреба
Владата, како што истакна премиерот Оливер Спасовски, подготвува мерки за помош на стопанството, откако бизнисмените почнаа да се жалат на големите штети што ги предизвикува состојбата со коронавирусот.
– Имаме на располагање финансиски средства во буџетот и кога ќе процениме дека на одредена категорија стопанственици треба да им се помогне, ќе се излезе во пресрет, без разлика што сме пред избори – изјави премиерот Спасовски на прес-конференција.
Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, потврди дека македонското стопанство се наоѓа пред најголемиот предизвик досега, но и дека компаниите мора да бидат реални во своите барања.
– Не може да се очекува дека никој нема да биде оштетен во текот на расчистувањето на состојбите. Тоа значи дека степенот на барањата на компаниите и реалната можност на државата да одговори на нив треба да бидат избалансирани и со упорни преговори да се приближуваат ставовите. Искуствата од досегашните кризи низ кои сме поминале зборуваат дека мора да се спасат компаниите зашто со тоа се спасува државата. Сведоци сме дека во целиот свет се истураат милиони и милијарди за спас на компаниите и затоа ја охрабруваме Владата да го има тоа предвид. Но и компаниите мора да бидат реални во своите барања – подвлече Азески.