Ангеловска-Бежоска: Банкарскиот систем е подготвен за справување со евентуални шокови

Македонскиот банкарски систем е подготвен за справување со евентуални шокови, меѓу кои се и можните ефекти врз економијата од ширењето на ковид-19 на глобално ниво, посочи гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска.
– Билансите на банкарскиот систем упатуваат на здрави фундаменти. Во 2008 година, кога глобалната економија се соочи со криза, адекватноста на капиталот на нашите банки беше пониска отколку сега и тогаш изнесуваше околу 16 отсто, а сега е 17 проценти што претставува солиден простор за справување со евентуални шокови. Ликвидноста, исто така, сега е повисока отколку во преткризниот период во 2008 година, а многу е важно што и профитабилноста на банкарскиот систем е на солидно ниво, бидејќи ако има потреба за докапитализација заради поддршка на кредитната активност, банките имаат интерен потенцијал да ја обезбедат – истакна Ангеловска-Бежоска.


Рекордно падна продажбата на автомобили во Кина

Продажбата на автомобили во Кина во февруари паднала за 79 отсто забележувајќи го најголемиот месечен пад во историјата.
Поради епидемијата со коронавирусот, продажбата на најголемиот светски пазар на автомобили падна на 310 илјади возила во споредба со истиот период лани, соопшти Кинеското здружение на производители на автомобили.
Во провинцијата Хубеи, каде што започна епидемијата, а која е главниот кинески центар за производство на автомобили, производителите „Донгфенг мотор груп“ и „Хонда мотор“, „Рено СА“ и „Пежо СА“ соопштија дека го одложуваат повторното започнување на производството.
Производството и плановите за испорака на американската компанија „Тесла“ во Шангај исто така се прекинати.
Но откако властите во Вухан во средата ги укинаа ограничувањата во одделни индустрии во градот и им дозволија на некои луѓе да се вратат на работа, „Хонда“ продолжи со ограничено производство на автомобили во тој кинески град. „Нисан мотор“ исто така соопшти дека планира делумно продолжување на производството.