Најголемо влијание врз ограничувањето на обемот на производството кај домашните компании, според анализите на Државниот завод за статистика, имаат недоволната странска побарувачка со 20,7 проценти, неизвесното економско опкружување со 14,9 отсто, недостигот од квалификувана работна сила со 16,6 проценти и недоволната домашна побарувачка со 15,2 отсто
АНАЛИЗА НА ДЗС
Сѐ уште присутната неизвесност поради ширењето на новите соеви на коронавирусот и понатаму претставува кочница за развојот на економијата. Тешко е да се дефинираат очекувањата на бизнисмените, бидејќи различни сектори различно се погодени од кризата, но има и сектори со големи разлики во остварувањата на компаниите и во нивните можности за надминување на кризата. Она што во моментов речиси сите најмногу ги загрижува, и стопанствениците и економските експерти, е недоволната и странска и домашна побарувачка.
Најпогодена преработувачката индустрија
Анализите што ги прави Државниот завод за статистика за деловната активност на компаниите, посебно во преработувачката индустрија за јуни оваа година покажува благо зголемена доверба во споредба со претходниот месец и нешто повеќе во споредба со истиот месец мината година. Сепак, одредени индикатори покажуваат дека и понатаму има ограничувачки фактори за компаниите.
– Состојбата на обезбеденоста на производството со порачки во јуни 2021, во однос на мај 2021 година, е поповолна, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се понeповолни во однос на претходниот месец, а резервите на готовите производи се зголемени. Оцената за економската состојба на деловните субјекти во јуни 2021 година е понеповолна во однос на претходниот месец, а поповолна во однос на јуни 2020 година. Се очекува бројот на вработените да се зголеми. Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во јуни 2021 година изнесува 71,1 отсто од нормалното искористување. Најголемо влијание врз ограничувањето на обемот на производството имаат недоволната странска побарувачка со 20,7 проценти, неизвесното економско опкружување со 14,9 отсто, недостигот од квалификувана работна сила со 16,6 проценти и недоволната домашна побарувачка со 15,2 отсто – пишува во анализата на ДЗС.
Овие податоци покажуваат дека компаниите и понатаму се загрижени поради намалените нарачки од странските партнери и поради присуството на неизвесноста
Некои резерви би можеле трајно да останат непродадени
Универзитетскиот професор Ванчо Узунов објаснува дека трупањето на резервите за одредени компании може да биде сериозен проблем, поради промените на вкусовите и потребите на потрошувачките да останат трајно непродадени и да претставуваат само трошок за компаниите.
– Кога се резервите во прашање, не може одеднаш да се даде одговор колкава и каква би била штетата од трупањето на резервите. Сѐ зависи од фирма до фирма, не може да се каже генерално за сите одеднаш бидејќи прво состојбата со резервите зависи до кога ќе трае неизвесноста и до кога ќе трае трупањето на резервите. Некои резерви би можеле трајно да останат непродадени, има опасност воопшто да не се продадат бидејќи се менуваат навиките на граѓаните – објаснува Узунов.
Професорот Узунов за „Нова Македонија“ објаснува дека одредени производи може да останат трајно непродадени поради менувањето на вкусовите и на потребите на граѓаните, со текот на времето.
– Има опасност одредени резерви во текстилната индустрија да останат трајно непродадени, бидејќи се менуваат вкусовите на потрошувачите, модата налага нови трендови секоја година. Ако компаниите сѐ уште имаат резерви од сезоната за 2020 година, тие резерви во 2021 или, пак, во 2022 година сигурно нема да се продадат, остануваат да се трупаат, што ќе предизвика загуби за компаниите – вели тој.
Исто така, според него, има опасност и разни технолошки производи да останат непродадени.
– Технологијата брзо се развива, ако нешто не се продало минатата година, веќе може да е застарено, да има нов посовремен производ што ја врши истата функција и постарата верзија да не се бара повеќе – објаснува Узунов.
Од овие причини, професорот вели дека не може да се даде генерална слика колкава штета ќе има кај компаниите од трупањето на резервите. Тој наедно посочува дека има производи што можат да почекаат некоја година и можат да се продадат и следната година, доколку роковите на траење го дозволуваат тоа.
– Ако зборуваме за производителите на сокови на пример, кај нив опасноста е малку помала, бидејќи вкусовите драстично не се менуваат, преку разни кампањи или акции ќе ги продадат и да имале резерви во своите капацитети. Слична е ситуацијата и со средствата за хигиена, како што се сапуните, средствата за капење и други производи, кои ако годинава не се продадат, ќе се продадат следната кога побарувачката ќе се зголеми. Роковите на траење се подолги, дополнително што и таму нема големи промени во вкусовите од година на година, со разни акции и промотивни пакети ќе ги продадат производите – посочува Узунов.
Намалувањето на нарачките од странство ќе го отежнува закрепнувањето на економијата
Преголем оптимизам не покажуваат ниту други експерти за економијата.
– Иако Македонија не се соочи со најцрните сценарија на економски план за време на пандемијата и иако некои показатели даваат основа за одреден оптимизам, генерално економијата е далеку од враќање на состојбата пред пандемијата. Огромното задолжување ќе го направи тоа и невозможно. На краток рок, намалувањето на нарачките од странство, поради ефектите од пандемијата во другите земји, не смее да се занемарува како сериозен
фактор што ќе го отежнува закрепнувањето на економијата – вели универзитетскиот професор Здравко Савески.
Состојбата најдобро се согледува на теренот
Бизнисмените, пак, укажуваат дека секоја одлука поврзана со бизнисите и со идниот развој на една компанија е поврзана со пандемијата и со ризиците што ги носи истата таа. Објаснуваат дека на коронавирусот се гледа како на едно секојдневие со кое ќе мора да се борат и да изнаоѓаат начини за работење и покрај рестриктивните мерки или разни други пречки.
– Секоја одлука што се носи, дали во бизнис-цели или, пак, во приватни цели, секојпат ни стана обврска да ја поврзуваме со состојбата со ковид-пандемијата. Секој еден чекор е поврзан со ковид и самото планирање е поврзано со ковид. Секој бизнис се планира со податоци и состојби и мерки за заштита од опасноста од ново ширење на ковид. Без оглед дали станува збор за инвестиции, за широка потрошувачка или, пак, за лична потрошувачка, за патување, за исхрана, секој чекор се планира поврзано со ковид. Единствено ковидот не се покажа како пречка за подобрување на интернет-конекциите, за приклучување кон интернет, дури во ситуацијава и ја подобри или ја зголеми побарувачката на интернет и нови платформи за работа од далечина. Параметрите, бројките и анализите што ги издава ДЗС, не би сакал да шпекулирам, но и податоците што ги добиваат може да бидат точни или неточни, да ги обработуваат точно или неточно, поврзувањето на податоците од бизнис-климата со економскиот раст и сиромаштијата најдобро се гледа на терен, емпатијата на лицата на луѓето, нивото на среќа, нивото на потрошувачка кошница, туристите, наши и странски туристи… Но кога зборуваме за економијата, неизвесноста и понатаму е присутна, далеку е од идеална, но ние сме навикнати да работиме во тешки услови и борбата ќе продолжи и понатаму – појаснува Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија.