За да се обезбеди стручен кадар во согласност со потребите на бизнисот, потребно е и претставници на стопанските комори да влезат во комисиите што ги подготвуваат конкурсите за уписи во средните училишта
Голем недостиг од стручен кадар чии квалификации се стекнуваат со средното образование се чувствува на пазарот на труд во Македонија. Поради ваквата состојба, од бизнис-заедницата апелираат и бараат да се вклучат во изработката на конкурсите за уписи во средните училишта.
– Иако на стопанството му се потребни текстилните работници, нив речиси ги нема, а дополнителен проблем е што такви професионалци преку средните стручни училишта се обезбедуваат многу малку. Слична е состојбата и со преостанатите струки – месопреработувачи, бравари, водоинсталатери, машински техничари… Од друга страна, во пораст е бројот на гимназиските и медицинските паралелки или за економски и правни техничари – посочија претставниците на Стопанската комора на Македонија (СКМ) и истакнаа дека најбараните квалификации се со најмал процент на застапеност во конкурсите за упис во стручните училишта.
Тие предлагаат во општинските комисии што ги подготвуваат конкурсите за уписи во средните училишта да има претставник и од бизнис-заедницата, а не само од Министерството за образование и наука, Државниот просветен инспекторат и од Заедницата на единиците на локалната самоуправа.
– Целта е да се обезбеди стручен кадар во согласност со потребите на бизнисот. И покрај нашите апели, МОН води погрешна стратегија во уписната политика, која не ги следи потребите на пазарот на труд. Конкурсите за уписи во средните училишта секоја година се исти, се повторуваат, се зголемуваат гимназиските паралелки на сметка на стручните, кои се јадрото за економски стабилно општество – рече на прес-конференција Наташа Јаневска од СКМ.
Таа појасни дека процесот на подготовка на конкурсот во средните училишта има определена процедура со која се бараат анализи од општините за потребите на квалификации на локално ниво, а комисија составена специјално за таа намена го изработува конкурсот за упис на ученици во средните училишта.
– Составот на комисиите е различен, но преовладуваат претставници од МОН, ДПИ и од ЗЕЛС, а немаме ниту еден претставник од бизнис-заедницата што може директно да ги искаже барањата и да се направи правилна уписна политика според потребите на бизнис-заедницата – наведе Јаневска.
Таа додаде дека пред да биде одобрен конкурсот од министерот, треба задолжително да биде доставен до Стопанската комора за и таа да даде соодветно мислење.
Јаневска истакна дека поради тоа што нема претставник од Стопанската комора, се повторуваат истите конкурси, а како пример ја наведе општината Велес, каде што иако побарале одредени квалификации да бидат повеќе застапени, бил објавен ист конкурс од минатата година.
Инаку, Јаневска посочи дека во месната индустрија, каде што платата е околу 30.000 денари, со вработување веднаш по завршување на училиште, сепак нема ученици што ќе се запишат во оваа струка.
– Кога би имале лимитирана уписна политика за потребните квалификации, бидејќи оттаму почнува целиот процес, сликата би била сосема поинаква – смета Јаневска.
Како што информира Жарко Ангеловски, претставник на прехранбената компанија „Екстра меин“, недостигаат месопреработувачи, особено за работа со свежо месо, како што се колачи на говеда и касапи. Податоците на комората покажуваат дека од вкупно запишаните ученици во стручните училишта, 24 проценти се во здравствената струка, 22 процента во економската, трговската и правната струка, а само 8,1 проценти во градежништво и геодезија, 4,5 проценти во угостителство и туризам, 3 проценти во земјоделство и ветеринарство и само процент во секторот хемија и технологија за квалификацијата прехранбен техничар. Таква е состојбата и во секторите биологија, рударство и металургија, а сосема мал е процентот на запишани ученици во секторот текстил, кожа и други производи.