Бизнисмените бараат сузбивање на сивата економија како најголем проблем со кој се соочуваат бидејќи анализите направени од нивна страна покажуваат дека во 2018 година има масовна пререгистрација на фирмите и нивно прибегнување да работат нерегистрирано.
– Се работи за тренд кој рапидно почна да се зголемува во 2018 година. Она кое го гледаме е дека компании кои биле активни на пазарот, сега одеднаш ги намалуваат деловните активности и ги сведува на 20 или 30 проценти. Тоа не значи дека не работат, туку се префрлаат во делот на сивата економија. Луѓето менуваат локации, работат иста работа што ја работеле, но работат нерегистрирано бидејќи гледаат дека оние кои воопшто не се регистрираат, поминуваат полесно – истакна Данела Арсовска денеска на прес-конференција по средбата со министерот задолжен за регулативата за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија Зоран Шапуриќ.
Според анализите на ССК, сивата економија е најзастапена во транспортот, градежништвото, туризмот, угостителството, услужните дејности и земјоделството.
Од Владата најавуваат дека ќе направат проверки и анализи за оваа појава и за тоа кои се причините за тоа.
– Потребни се поопсежни анализи. Дали се работи за тоа дека тие преминале во сивата економија или биле блокирани, ќе видиме. Ќе видиме и кои се причините за тоа – истакна министерот Шапуриќ.
Според проценките на Оорганизацијата за еконoмска соработка и развој (ОЕЦД), учеството на сивата економија е 25 проценти во вкупната економија во Македонија, а според анализите на Сојузот на стопански комори оваа бројка е околу 30 проценти.