Преку Регионалната инвестициска платформа, која од неодамна ја промовираа стопанските комори од земјите на ЈИЕ, компаниите на едно место можат да најдат точни информации за економската состојба во некоја од земјите, но и за начините и можностите за почнување бизнис во некоја од овие земји
Побрза комуникација, повеќе податоци за отворање фирми или за ширење на постојниот бизнис во некоја од земјите во Југоисточна Европа, како и пристап до информации за конкретни проекти во кои може да се инвестира. Ова се само некои од податоците до кои компаниите сега полесно можат да дојдат благодарение на Регионалната инвестициска платформата, која ја промовираа стопанските комори од земјите на ЈИЕ. Идејата е на едно место да се најдат точни информации за економската состојба во некоја од земјите, но и за начините и можностите за почнување бизнис во овие земји.
– Можноста да се добијат точни информации и по брза постапка е од незаменливо значење за кој и да било претприемач од регионот на Западен Балкан или од кој било друг крај на светот. И токму од оваа идеја се водевме во Коморскиот инвестициски форум, кога минатата година одлучивме да почнеме да ја подготвуваме Регионалната инвестициска платформа. Идејата беше да се направи своевидна централна точка од која ќе може да се добијат сите потребни информации поврзани со условите и поволностите за инвестирање, но и да се обезбедат одговори на конкретните прашања на бизнис-заедницата заинтересирана за инвестирање во земјите од Западен Балкан, вклучувајќи база на податоци за макроекономските показатели, правната рамка, пазарот, финансиските и други стимулации, потенцијалните партнери и доставувачи, како и конкретни проекти во кои може да се инвестира – објаснува Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.
Регионот на Југоисточна Европа е еден од најбрзо растечките региони во Европа, со стапки на раст проектирани околу 3 или 4 проценти. Покрај тоа, во регионот се забележува севкупна макроекономска стабилност, која се карактеризира со ниска инфлација, низок буџетски дефицит и стабилен јавен долг.
– Економиите во регионот на ЈИЕ постојано го подобруваат деловното опкружување, нудејќи поволна структура на трошоци, карактеризирани со релативно ниски трошоци за работна сила и комунални услуги и поволен даночен режим. Локацијата на ЈИЕ овозможува лесна конекција за трговија и транспорт, со одлична позиција и брза комуникација со пазарите на ЕУ, Русија, Турција, Средниот Исток и Северна Африка – се наведува на веб-страницата на платформата.
Идејата за формирање на платформата е поддржана од Европската банка за обнова и развој. Регионалната инвестициска платформа, како прв заеднички производ на Коморскиот инвестициски форум, првпат е промовирана на инвестицискиот самит за Западен Балкан, организиран од страна на ЕБОР.
– Пред премиерите од регионот, претставници од финансиски институции и водечки меѓународни компании, беше презентирана платформата и активностите кои Коморскиот инвестициски форум ги прави за промовирање на регионот како единствена дестинација за инвестиции и за почнување бизнис, но и за презентирање на предностите за воспоставување заеднички регионален пазар – истакна Бранко Азески, заменик-претседател на Коморскиот инвестициски Форум.
Платформата содржи правна и даночна база на податоци, потоа детални информации, кои им се потребни на инвеститорите што сакаат да почнат активности во некоја од земјите од Западен Балкан. Има податоци за регистрација на трговско друштво, пазарот на капитал, јавните набавки, вработувањето, даночниот и царинскиот режим, визниот режим и обезбедувањето работни дозволи за странци, решавањето на споровите, правната рамка што се однесува за заштита на инвестициите.
– Оваа алатка не е наменета само за странски инвеститори од трети земји, туку и за бизнисите што работат во регионот, оние што се заинтересирани за интрарегионални вложувања – додава Азески.
За предностите и придобивките од инвестициите направени во некоја од земјите од Југоисточна Европа говорат и повеќе истакнати бизнисмени или раководители на успешни компании од регионот. Извршниот директор на „Арцелор Митал“ Скопје, Волфганг Марингер, вели дека земјите од Западен Балнак растат над просекот во изминатите години поради што се наметнува потреба од понатамошен развој и во следните години, особено во градежниот сектор, што, според него, е од фундаментално значење за нивната компанија.
– Земјата е добро поврзана со околината, не само со земјите од Западен Балкан, туку и со држави-членки на Европската Унија, како што се Грција, Романија, Бугарија. Целокупното искуство е солидно и можеме да го развиваме бизнисот – додава Марингер.
Раководителката на правниот оддел при компанијата „Перутнина птуј“, Едина Велиќ, за платформата истакнува дека како компанија при носењето на одлуката биле привлечени од Босна и Херцеговина поради конкурентните цени на работната сила во комбинација со високите професионални стандарди.
– Во првите години од работењето, имавме големи придобивки од даночните политики, кои беа во корист на странските инвеститори. Стабилната локална валута поврзана со еврото, ниската стапка на инфлација, како и зголемувањето на стимулациите кон пазарот на ЕУ, се дополнителни причина за инвестиции – додава Велиќ.