Предлог-законот за данокот на личен доход е во собраниска процедура и вчера беше на разгледување во Комисијата за финансирање и буџет, каде што свои ставови изнесоа експерти и претставници на бизнис-секторот
Поаѓајќи од своите анализи, стопанските комори се децидни во однос на своето барање за одложување на прогресивното оданочување. Тие дури инсистираат на поопсежна анализа на новиот тип даночење, која ќе ги потврди нивните ставови. И голем дел економски експерти сметаат дека законските измени што ги предлага Министерството за финансии се избрзани. Но има и такви што се согласуваат со предлозите на Министерството за финансии.
На вчерашната јавна расправа по предлог-законот за данокот на личен доход, која се одржа во собраниската комисија за финансирање и буџет, свои видувања имаа повеќе професори и претставници на бизнис-секторот. За издвојување е дека претставниците на научната јавност укажаа на нивните опсервации, при што издвоија дека навистина досегашниот рамен данок, кој се применува веќе десетина години, можел да даде и поголем ефект, но, од друга страна, дека вистинско прогресивно оданочување може да функционира во богати земји, каде што има доволно богати граѓани за да бидат различно оданочени. А ние сме далеку од тоа.
– Власта сака да воведе прогресивно оданочување, но ѝ е страв дека со вистинско прогресивно оданочување ќе има поголем импакт, па сега воведува некакво двојно оданочување, кое не функционира во земји како Македонија. Ако процентот на тие што се опфатени со поголемиот данок, како кај нас, е мал, нема кој да плаќа и нема да се соберат доволно средства. Ако 90 отсто од граѓаните се сиромашни, а 1 процент богати, кои ќе бидат оданочени, тогаш нема да функционираат буџетските приходи. Од друга страна, средствата што се планира да се соберат се многу мали и нив која било влада може со една одлука многу брзо да ги потроши – посочи професорот Горан Петрески од Економскиот факултет.
Професорот Абдулеменаф Беџети истакна дека со воведувањето на рамниот данок биле најавени пораст на инвестициите, нови вработувања и подобрување на стандардот на граѓаните, но реализацијата од други причини била незадоволителна.
– Сега се очекува со поголемиот данок врз 1 отсто од граѓаните да се подобри еднаквоста, што е преамбициозно. Не може да се постигне таков ефект со средствата што се планира да се соберат. Од друга страна, се става акцент на оданочувањето на трудот, пред оданочувањето на капиталот, што, според мене, е нелогично. Би требало приходите од капитал и дивиденди да бидат најоданочени – посочи Беџети, додавајќи дека, меѓу другото, институциите имаат право и на конфискација, но не го применуваат тоа.
Тој потсети дека повисоките даноци ќе донесат даночна евазија, па праша дали институциите се подготвени да се справат со евазијата за законот да ги оствари очекувањата.
Министерот за финансии Драган Тевдовски во своето излагање го изнесе мислењето дека со воведувањето на прогресивниот данок би требало да се земе од оние што имаат најмногу, за да им се даде на најсиромашните. Тој посочи дека прогресивниот данок се применува во САД и во ЕУ и додаде дека има и земји што вовеле рамен данок како Македонија, па потоа повторно се вратиле на прогресивен.
Поранешниот министер за финансии Никола Поповски смета дека воведувањето на прогресивниот данок е добра идеја, но дека промената е само половична без данокот на добивка. Тој посочи дека во прогресивното оданочување може да се воведе уште една група, која би се даночела со 15 отсто данок на доход, дека најсиромашните би останале со најнизок данок од 10 проценти, а оние со најголема плата од 18 отсто, и тоа би било пореално прогресивно оданочување.
Претставничката на Стопанката комора на Македонија, Љупка Илчевска, потсети дека сите четири комори заедно побараа одложување на процесот, бидејќи потребно е време за дебати во кои ќе се вклучат сите експерти и бизнис-секторот за подобра систематизација. Таа објасни дека најдобар начин за подобрување на јавните услуги, што е и една од целите на собирањето повеќе пари со прогресивниот данок, може да се оствари со рационализација на расположливите ресурси, додавајќи дека приходите од даноците и во периодот на рамни даноци растеле, па, така, во 2005 година тие изнесувале над 8 милиони денари, а во 2017-та достигнале 15 милиони.
Од Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ истакнаа дека ИКТ-индустријата ќе биде најзасегната од промените што се во собраниска процедура и дека на овој начин ќе поскапи работната сила, која и сега имаат тешкотии да ја најдат, бидејќи е дефицитарна. Затоа тие предлагаат ослободување од персонален данок на доход за вработените од ИКТ-компаниите, што, според нив, ќе резултира со поголеми вработувања и пораст на економијата.
Претставниците на бизнис-секторот исто така истакнаа дека голем дел компании веќе ги имаат направено бизнис-плановите за следните три до пет години и дека воведувањето нови поголеми даноци за толку краток период не е планирано и ќе создаде големи компликации, поради што бараат негово одложување.
Ирена Кузмановска од Македонската банкарска асоцијација во однос на предлогот за поголемо оданочување на каматите од депозитите посочи дека тоа може психолошки да влијае врз граѓаните и тие да ги вадат средствата од банките. Таа додаде дека, сепак, штедните влогови се најголемиот извор на средства за банките, така што тие би морале да бараат други извори на средства, кои најчесто се поскапи, поради што може да пораснат и каматите на кредитите.