За поддршка на инвестициите, конкурентноста, малите и средни претпријатија, домашниот туризам, како и целокупната област економски работи во 2021 година се обезбедени за 4,5 проценти поени повеќе во однос на буџетот 2019 година, односно со буџетот за 2021 година 24% од расходите се наменети за економски работи, рече министерот за финансии Фатмир Бесими на комисиската расправа за буџетот во Собрание.
Во однос на развојната компонента на буџетот за 2021 година, министерот за финансии посочи и дека се превидени средства за капитални проекти за 20% повеќе во однос на ребалансот, како и дека за првпат има 5-годишна рамка за проектите со цел да се подобри нивнината реализација.
– Буџетот за идната година треба да даде перспектива за раст и развој. Поради тоа капиталните инвестиции споредбено со ребалансот предвидуваат зголемување за 20%. Предвидуваме и со механизми со кои сметаме дека може да се подобри реализацијата. Во самиот документ има листа на капитални проекти на среден рок, како автопатишта, железничка инфраструктура, енергетска инфраструктура, комунална инфраструктура, инфраструктура од образование и здравство – вели министерот за финансии.
Во однос на економскиот развој и соочување со тековната ситуација министерот во однос на четвртиот пакет мерки посочи дека за месец октомври за околу 14.000 правни субјекти е веќе одобрена финансиска поддршка за исплата на плати со што се опфатени околу 58.000 работни места. Станува збор за 15 милиони евра, кои воедно се инјектираат и во стопанството.
Министерот посочи дека економското заздравување и развојот на економијата ќе се поттикнуваат и преку Стратегијата за економско заздравување и раст, преку која на среден рок ќе се обезбедат стапки на раст од 4-5% или двојно повеќе во однос на просекот од последните десет години.