Министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека не очекува зголемувањето на цената на електричната енергија да надмине 10 проценти. Утре се очекува ЕСМ да донесе одлука со каква цена ќе учествува на јавниот тендер на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум.
– Согласно Законот за енергетика, цената на струјата од 1 јануари за првите шест месеци од 2022 година ја потврдува Регулаторната комисија за енергетика, но имајќи предвид дека цената што ќе ја понуди ЕСМ кон универзалниот снабдувач многу влијае врз финалната цена, согласно сите проекции, нема да има зголемување над 10 отсто – изјави Бектеши.
Според министерот, во иднина не треба да се очекува зголемување на цената на струјата, ако енергетските компании работат како што треба.
– Ако енергетските компании работат на начин како сега, односно двата блока во РЕК „Битола“, во функција е и ТЕЦ „Осломеј“, а наредната недела чекаме да почне испораката на мазут за да се стави во функција и „ТЕЦ“ Неготино и ако се подобри и хидролошката состојба, тогаш убеден сум дека и во иднина ќе нема зголемување на цената на електричната енергија – објасни Бектеши.
Понудата што ЕСМ треба да ја даде кон универзалниот снабдувач, ќе биде на ниво што нема да предизвика некое значително зголемување на цената на електрична енергија, според министерот за финансии Фатмир Бесими, кој не сакаше да калкулира со бројки одговарајќи на новинарско прашање.
– Како што беше најавено, ќе има понуда од ЕСМ кон универзалниот снабдувач на електрична енергија, која веројатно, според тие проценки, ќе биде на ниво што нема да предизвика некое значително зголемување на цената на струјата – посочи Бесими.