Министерството за трговија и индустрија на Косово денеска го извести Министерството за економија на Република Македонија дека се укинати бариерите за извоз на мед и компир.
Според договореното на состанокот меѓу министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за трговија и индустрија на Косово, Ендрид Шала кој што се одржа пред две недели, Агенцијата за храна и ветеринарство на Косово на крајот на минатата недела ги достави потребните документи дека е извршен активен и пасивен мониторинг на икри и подмладок, кои беа потребни за да може да ги увезува овие производи во Македонија.
Откако Агенцијата за храна и ветеринатрство на Република Македонија изврши увид на терен и утврди дека се исполнети сите обврски од косовската страна, согласно законската регулатива, Министерството за економија денеска донесе одлука Република Косово повторно да биде ставена на листата на земји од кои е дозволен увоз на икра и подмладок.
-Иако со задоцнување од една недела Агенцијата за храна и ветеринарство на Косово ја достави програмата за спроведување на активен и пасивен мониторинг за икри и подмладок на риби и согласно тоа Агенцијата за храна и ветеринарство на Македонија повторно ги стави на листата на држави кои можат да увезуваат икри и подмладок од Македонија, а со тоа и Косово ја укина забраната за увоз на компир и мед од нашата земја. Со тоа целосно се отстрануваат пречките кои настанаа од двете страни – изјави министерот за економија Крешник Бектеши.
Тој потенцираше дека Македонија нема да прави компроимиси кога станува збор за стандардите кои треба да бидат исполнети согласно европската регулатива.
-Ние како Влада сме целосно посветени на исполнување на сите стандарди, а имајќи во предвид дека во октомври очекуваме датум за почеток на преговорите со Европската Унија ние ги превземаме сите обврски и нема да отстапиме. Како Влада правиме сѐ што е во наша можност да отвориме нови пазари, но истовремено и да ги заштитиме граѓаните со поголема контрола на здравствената состојба на производите кои што се увезуваат во земјата – потенцираше Бектеши.
Мерката за забрана на увоз на икри и подмладок не беше превземена само за Република Косово туку и за сите земји што не спроведуваат активен и пасивен мониторинг во врска со рибните производи.