Министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска оствари работен состанок со претставници од Секцијата на фризери при Занаетчиската комора на Скопје.
На состанокот министерот ги информираше претставниците на фризерските салони за мерките за поддршка на занаетчиите и самостојните вршители на дејност преку Министерството за економија, како и за финансиската поддршка од четвртиот сет мерки коишто ги донесе Владата.
– По донесувањето на ребалансот на буџетот, Министерството за економија од Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво (КИП) ќе објави јавен повик за кофинансирање на трошоци за занаетчии при што се предвидува надоместување на 60% од трошоците или максимум 30.000 денари направени за набавка на алати и репроматеријали по апликант. За оваа намена од буџетот на Министерството за економија се предвидени 15 милиони денари – информираше министерот Бектеши.
Министерот додаде дека од 1 јануари следната година ДДВ на занаетчиски услуги ќе се намали од 18 отсто на 5 отсто, а овој предлог веќе е доставен до Собранието. На занаетчиите и на самостојните вршители на дејности, како што посочи министерот, и натаму им остануваат на располагање и другите мерки, како што е поддршката за исплата на платите или пристапот до бескаматните кредити од Развојната банка на Македонија.