Министерот за економија Крешник Бектеши денеска оствари средба со амбасадорката на Обединетото Кралство во Северна Македонија, Рејчел Галовеј.
На средбата беше изразено задоволство од континуирано плодната соработка и цврстите пријателски односи меѓу двете земји.
Министерот се заблагодари на поддршката од Обединетото Кралство за Министерството за економија во подготовката на Законот за јавно приватно партнерство (ЈПП) кој што е веќе во собраниска процедура и посочи дека со ова законско решение ќе се овозможи поголем прилив на странски инвестиции во земјата и реализација на стратешки капитални проекти.
Министерот исто така ја информираше амбасадорката за реформите предвидени во рамки на Министерството за економија во наредниот период во делот на поддршка на бизнисот.
Програмска определба на Владата во наредниот период е да се зголеми поддршката на компаниите во делот на инвестиции во нови технологии, човечки капитал и иновации.
Во делот на енергетиката министерот ја информираше амбасадорката дека во наредниот период Министерството за економија ќе продолжи со поддршка на инвестиции во изградба на капацитети од обновливи извори на енергија и енергетско поврзување со соседните земји што ќе значи подобрување на целиот енергетски систем во државата, а претставува и еден од најголемите приоритети на Владата во делот на спроведување на зелената агенда.
Информираше и за реализација на проектите од Интервентниот план за инвестиции кој што беше усвоен од Владата за периодот 2021-2027 година и претставува забрзана реализација на проекти во највисок интерес на граѓаните за забрзан раст на македонската економија.
Министерот и амбасадорката се согласија дека зголемувањето на економската соработка меѓу двете земји ќе остане приоритет во наредниот период.
Обединетото Кралство е рангирана на второ место на листата на земји со кој Република Северна Македонија остварува најголем обем на трговска размена.