Петнаесет проценти од домаќинствата во Македонија се без пристап до Интернет, а ниту во следниве три години нема да имаат, бидејќи нема интерес од операторите за изградба на мрежи. Со мапирањето што го направи Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), тие се категоризирани во т.н. бели зони, покрај кои се утврдени и 60 илјади домаќинства во сиви зони, каде што има или ќе се постави само една бродбенд-мрежа во наредните три години. Другите домаќинства се дел од црните зони, како области со најмалку бродбенд-мрежи на различни оператори или ќе бидат поставени во следните три години.
Ресорниот министер Дамјан Манчевски на вчерашната прес-конференција истакна дека Македонија ја исполнила обврската за подготовка на стратегија за широкопојасен Интернет и пред утврдениот рок го заврши процесот на детално мапирање, со што е исполнета задачата во согласност со интеграциските заложби за ЕУ. Со тоа што првпат се дефинирани областите каде што не постојат брзи и ултрабрзи комуникациски мрежи или операторите немаат планови за такви инвестиции во следните три години, како што рече Манчевски, државата има ред и преглед на своите телекомуникациски ресурси за да може ефикасно да се користат и да не се дуплираат инвестициите.
Моменталната состојба покажува дека пристап до брзи мрежи во Македонија имаат 78 проценти од домаќинствата, а до ултрабрзи мрежи 43,8 проценти. Во согласност со планираните инвестиции што ги најавиле операторите за идните три години, 84,9 проценти од вкупниот број домаќинства ќе имаат пристап до брзи мрежи, а 69,5 проценти до ултрабрзи мрежи.
– Покриеноста со брзи бродбенд-мрежи во Македонија е приближно иста со просекот во ЕУ, што е многу добро, но постојната покриеност со ултрабрзи бродбенд-мрежи од 43,8 проценти е доста пониска од европскиот просек, каде што изнесува 58 проценти – рече Манчевски, посочувајќи дека загрижува податокот за ниското користење Интернет од страна на корисниците.
Според последните податоци од Агенцијата за електронски комуникации, 65.375 претплатнички договори се за пристап до брзи бродбенд-мрежи, со 15,6 проценти искористеност од покриеноста со таквите мрежи. За пристап до ултрабрзи мрежи има 3.064 претплатнички договори, односно 1,2 процент од мрежната покриеност. Преостанатите 320.452 претплатнички договори се за пристап до т.н. „основен/базичен Интернет“.
Според Манчевски, државата е обврзана да обезбеди пристап до Интернет и да го намали дигиталниот јаз, а поради немањето интерес од операторите за изградба на потребните мрежи, ќе се вклучи во овој процес. Тоа ќе се направи со поддршка од меѓународни финансиски институции, за што има интерес, а колку ќе чини ќе се знае по завршувањето на акцискиот план и стратегијата со тековната подготовка на Националниот оперативен план. Дефинираните бели, сиви и црни зони ќе овозможат секој граѓанин да провери дали местото во кое живее е покриено со бродбенд-мрежа на еден или повеќе оператори или ако ја нема, ќе знае дека тоа ќе биде направено со државна помош во наредните три години.
– Секој оператор, пак, ќе може да провери каква е состојбата со развојот на конкуренцијата во секое населено место, што ќе поттикне нови инвестиции и развој на конкуренцијата, што би резултирало со поприфатливи цени за корисниците – рече Манчевски.
Белите зони, според мапирањето, ги има низ целата територија на државата. Градењето брзи мрежи и во тие места ќе треба да овозможи општините и во руралните места да воведуваат електронски услуги за граѓаните и за фирмите. П.О.