Фото: Нова Македонија

За да се избегне нова катастрофална туристичка сезона и трајно губење на позициите на меѓународниот пазар на туризмот, неопходно е да се применат безбедносни здравствени стандарди утврдени преку стандардите за безбедно патување, како основен предуслов за видливост на дестинацијата во следните години

Коронавирусот целосно го парализира туризмот во Македонија, така што по повеќе од една година од прогласувањето на пандемијата, состојбата во секторот е непроменета. Поради невидениот пад на побарувачката, широкораспространетите ограничувања на патувањата и ненавремено обезбедената помош, повеќето компании од туристичко-угостителскиот сектор се соочуваат со загуби, отпуштања на вработените, но и со самоволно напуштање на работните места во обид да се обезбеди егзистенција во друга дејност. Државата, пак, останува без можност да оствари приходи од секторот што има значителен потенцијал за зголемување на БДП. Засегнатите, засега, единствениот излез го гледаат во имплементирањето на стандардите за безбедно патување, кои веќе се воведени или се воведуваат во сите земји што во постковид-развојот сериозно планираат да го стават акцентот на туризмот.

Загубите во Македонија се над 92 отсто

Според Дончо Нацев, сопственик на една од туристичките агенции, загубите во туризмот се повеќе од 92 отсто на ниво на Македонија, додека на светско ниво туризмот бележи загуба од 87 отсто во однос на јануари 2020.
– Економските пакети беа насочени кон ублажувања и задржување на вработените преку обезбедување минимални плати за вработените, а петтиот економски пакет во кој првпат се опфатени и превозниците на слободен превоз на патници сѐ уште не е поминат во парламентот. Се соочуваме со огромни загуби што многу тешко можат да се надоместат. Трагично е што немаме никаква стратегија за промоција на државата за време на пандемијата, преку обезбедување брзи и бесплатни тестови за секој странски турист што ќе ја посети Македонија, безбедносни мерки и безбедни хотели – вели Нацев.
Според него, туризмот треба да напредува, а тоа значи дека ограничувањата за патување мора да бидат ублажени или укинати навремено и одговорно.
– Државата треба да му даде поддршка на туризмот, со долгорочни финансиски силни мерки во соработка со развојните банки, Светската банка и со Народната банка, кои ќе овозможат долгорочни револвинзи и одложување на постојните кредити, за туризмот да може да се придвижи и да го преземе водството при повторното отворање на дестинациите. Потребно е што побрзо обезбедување на вакцините, што може сосема малку да придонесе за појдовниот туризам затоа што секоја дестинација што ќе биде отворена во Европа ќе биде условена со влез во земјите со примена вакцина или ПЦР-тест. Прогнозите и оваа година се дека ќе имаме изгубена туристичка сезона – истакна Нацев.

Проблемите се продлабочуваат

Како што вели Даниела Михајловска-Василевска од Здружение на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Северна Македонија, тешко е да се најдат механизми што можат да ги неутрализираат последиците од пандемијата на ковид-19, пред сѐ поради многубројните проблеми што произлегоа, а и понатаму се продлабочуваат.
– Над 10 илјади работни места се загубени од секторот туризам и угостителство, што одново нѐ упатува на тоа дека нивото на економскиот одговор е делумно ефективен и укажува на неопходноста од корекција на слабостите на дизајнот на мерките, што е општ наместо посебен дизајн наменет за туристичко-угостителскиот сектор – нагласува Михајловска-Василевска.
Таа додава дека има драматичен пад на приходите во секторот туризам, при што намалувањето на приходите кај категоризираните сместувачки капацитети е над 65 отсто, додека кај туристичките агенции има намалување на приходите близу 90 отсто за 2020 година во однос на истиот период во 2019 година.
– Во услови на продолжена здравствена криза доколку не продолжи финансиската поддршка, основани се очекувањата за масовни отпуштања на дополнителни 10 илјади лица или блокирани сметки во текот на март кај голем број компании од секторот туризам што ќе ги обезвредни сите досегашни напори од страна на Владата направени за зачувување на што е можно повеќе работни места истовремено – напоменува Михајловска-Василевска.

Во фаза на имплементација се и дел од петтиот пакет мерки, преку поддршка на дестинацијата, иако клучните мерки за поддршка сѐ уште не се реализирани, а тоа се делот на поддршка на платите за два последователни месеци (февруари и март), поддршка преку грантови за хотелите надвор од туристичките центри, поддршка на превозниците што опслужуваат само туристички аранжмани без редовни линии во домашниот и во меѓународниот превоз.
– Пакет мерките овозможија амортизирање на еден значаен дел од загубите и од негативните ефекти кај голем дел од компаниите од секторот туризам и угостителство во 2020 година, но еден дел од деловните субјекти, пред сѐ, во градските средини, кои не се туристички центри, иако имаа пад на прометот од над 80 отсто, не беа опфатени со клучната мерка, ваучер-системот – истакнува Михајловска-Василевска.
Според неа, бизнис-секторот укажува дека поддршка од Владата е потребна не за да се заработи, туку исклучиво и единствено компаниите од секторот да не пропаднат, бидејќи тие и сега, во услови кога речиси и не работат и кога немаат деловна активност, држат еден дел од вработените, а еден дел останува без работа.
– На овој начин е доведена во прашање пазарната позиција на нашата држава како туристичка дестинацијата на меѓународниот пазар. За да се избегне нова катастрофална туристичка сезона и трајно губење на позициите на меѓународниот пазар на туризмот, неопходно е да се применат безбедносни здравствени стандарди утврдени преку стандардите за безбедно патување (Safe travels), како основен предуслов за видливост на дестинацијата во следните години – истакна Михајловска-Василевска.

Како другите земји го спасуваат секторот

Како што вели таа, во услови кога е во фаза процедурата за воведување протоколи за безбедност и издавање безбедносен печат за патување (Safe travels), за што надлежност има Министерството за економија, како деловен сектор укажуваме дека за да биде функционален и да даде ефект, би било од голема корист да постои системско решение за имплементирање на т.н. стандарди за безбедно патување (Safe travels), кои се имплементираат во сите земји што ставаат акцент на туризмот како постковид-развој, во услови на сѐ уште постојна криза во пресрет на отворање на регионите и државите за патување преку координирана акција за подигнување на туристичкиот ефект во државата.
– Тоа вклучува меѓуинституционална соработка со МНР, МВР, Министерството за здравство, кои ќе обезбедат јасност и видливост на стандардите и промоција на истите тие. Исто така, останува потребата за реализација на бесплатните ПЦР-тестови од петтиот пакет мерки, за сите туристички или бизнис-посетители што престојуваат во домашни хотели оваа мерка ќе помогне да се вратат гостите во Скопје, но многу ќе помогне и надвор од Скопје. Нема да има големо оптоварување на буџетот бидејќи ќе прави тест само оној што мора и што ќе му биде признаен во државата каде што ќе патува. Имаме уште максимум два месеца да го спроведеме целиот процес, кој подразбира, пред сѐ, носење и примена соодветни хигиенско-здравствено-безбедносни протоколи врз основа на кои потоа се добиваат и печатите.

Тоа е глобален безбедносен печат (Safe travels) со кој се признаваат протоколите за сигурно, безбедно патување на некоја дестинација. Туристите преку печатот ги препознаваат државите и туристичките капацитети, без притоа да се двоумат дали земјата во која сакаат да патуваат е безбедна – појаснува Михајловска-Василевска.
Вакви печати и глобални протоколи се имплементирани во Хрватска, Црна Гора, Бугарија, БиХ, Англија, САД, региони од Австрија.
– Непостапувањето по овие предлози ќе значи загуба на постојните пазари, стопирање на чартерите и неможност за компензирање на загубите преку други пазари. Она што е извесно е дека секторот туризам и угостителство, многу брзо може да даде позитивни резултати по завршување на кризата, со отворање на границите и анкетите што во светски рамки се прават за интересот на луѓето за патување, но сепак фактот дека ковид-19 трае, а вакцинирањето е процес што нема да заврши брзо, остава простор и можност негативните ефекти да се чувствуваат уште одреден период и во 2021 година – смета Михајловска-Василевска.