Постојат повеќе студии кои покажуваат силна поврзаност помеѓу економскиот развој и доброто управување. Квалитетот на управувањето со државата влијае врз долгорочниот општествен и економски раст. Гаранцијата за сопственоста, економската транспарентност, политичките права, граѓанските слободи и стабилното владеење на правото се значајни фактори кои придонесуваат за развојот. Мултилатералните организации, донаторите и кредиторите својата помош и финансиски средства се повеќе ги условуваат со барања за воведување на политики кои водат кон добро управување.
Институционалниот недостаток е карактеристика на земјите во развој и транзиција. Слабото владеење, слабата заштита на граѓанските слободи, несоодветната регулатива и правна рамка за гранатирање на приватната сопственост и сл., ги лишуваат државите од странски инвестиции и економски раст. Доброто управување со државата влијае врз нејзиниот економски развој. Заштитата и гаранцијата на приватната сопственост водат кон поттикнување на поединците кон поголема продуктивност, а институционализирањето на владеењето на правото е од суштинско значење за промовирање на растот.
Без доброто управување на државата не може да се промовира општествен и економски раст, а економскиот развој дополнително го подобрува квалитетот на владеењето. Корупцијата и другите аспекти на лошото управување имаат значително негативно влијан. Основна одредница на долгорочните позитивни економски перформанси на една држава е нејзината социјалната инфраструктура, односно нејзините институции и владини политики. Институциите во едно општество можат да се поделат на формални (уставот, законите и регулативите) и неформални (социјалните норми, обичаи и традиции).
Генерално, терминот управување ги опфаќа сите аспекти на начинот на управување со една држава. Доброто управување има неколку карктеристики. Тоа треба да биде ориентирано кон консензус, одговорно, транспарентно, ефективно, ефикасно, правично и инклузивно, и да го следи владеењето на правото. Доброто управување бара чесни правни рамки кои се спроведуваат непристрасно од независното судство, одлуките и спроведувањата се транспарентни или се спроведуваат врз основа на утврдени правила и регулативи.
Одговорноста не може да се спроведе без транспарентност и владеење на правото, одговорноста е клучен услов за управувањето. Владините институции, приватниот сектор и граѓанските организации мора да бидат одговорни пред јавноста и пред нивните институционални чинители. Доброто управување мора да бара институциите правно да им служат на сите засегнати страни.
Општата препорака на Светска банка, ги нагласува развојот на капацитетите, односно градење на ефективни држави (кои можат да обезбедат јавни добра и услуги на населението, обезбедување на мир и стабилност), како и одговорно општество. Според Светска банка, лошото управување не е секогаш резултат на лошите политичари и раководители, а негативното управување страда од слабите формални политички институции, недостатокот на ресурси и капацитети за управување со ефикасната јавна администрација.
Според извештајот на Светска банка за Македонија од 2018 година, реформите на инвестициската клима ја искачија Македонија на рангирањето според „Дуинг Бизнис“, а стратегијата за промовирање странски директни инвестиции придонесе за зголемување на извозот. Меѓутоа, Светска банка заклучува дека ова не беше проследено со политичка стабилност, отчетност, владеење на правото и спречување на корупцијата. Според индексот на Транспаренси Интернешенел за квалитетот на мерките за спречување на корупцијата, македонското судство доби 93 проценти од 100 за правна основа, но само 60 проценти за практично спроведување. Светска банка истакнува дека вакви големи јазови постојат и во законодавството и во јавната администрација.