Најбогатиот човек на светот и основач на „Амазон“, Џеф Безос денеска треба да поднесе оставка од функцијата извршен директор на платформата за трговија преку Интернет. Тој помина 27 години на чело на компанијата.
Безос, кој е на првото место на листата со најбогати личности во светот на „Форбс“, со имот вреден околу 189 милијарди долари, најави заминување од функцијата извршен директор на „Амазон“ во февруари, со цел да се посвети на својата вселенска компанија „Блу ориџин“.
„Амазон“, која започна да работи како онлајн книжарница во 90-тите години на минатиот век, порасна во последните две и пол децении и стана една од највредните компании на берзата во светот, со пазарна капитализација од 1,7 трилиони долари.
Безос планира да задржи 10,3 проценти од акциите во компанијата, како и позицијата извршен претседател на бордот на директори на „Амазон“.
Тој ќе му ја предаде позицијата извршен директор на Енди Џеси, кој се приклучи на компанијата во 1997 година и кој во моментов го води секторот за облак-компјутери на „Амазон“.
Во меѓувреме, Безос планира да се придружи на екипажот на вселенското летало-капсула Њу Шепард на неговата вселенска компанија на првиот патнички лет во вселената, што е закажано за 20 јули, на годишнината од слетувањето на Аполо 11 на Месечината во 1969 година.