Минатонеделното гласање против формирање на синдикат од страна на мнозинството работници во складиштето на „Амазон“ во американската сојузна држава Алабама, беше поттикнато од повеќе фактори, но првенствено ги демонстрираше политичката моќ на компанијата за онлајн-трговија која богато профитираше за време на пандемијата, како и комплексните односи со индустријата со кои се соочува американскиот претседател Џо Бајден, во обидот за ремоделирање на економијата, наведува „Си-ен-ен“.
Резултатот од гласањето во Алабама бил извесен, наспроти приказните за драконските услови за дел од работниците, бидејќи работното место во гигантот на онлајн-трговијата „Амазон“ е од големо значење, особено во екот на пандемијата. Згора, Компанијата неодамна усвоила и минимална саатница од 15 долари, што е двојно поголема од онаа во Алабама, а дел од работниците стравувале и дека формирањето на синдикатот би можело да доведе до преселба на „Амазон“ надвор од Алабама.
Веројатно не би помогнале ни интервенциите од Бајден и од сенаторот Берни Сандерс во полза на формирањето на синдикат, бидејќи Алабама претставува конзервативен бастион на поранешниот претседател Доналд Трамп. А „Амазон“ спроведе агресивна кампања против напорите за формирање на синдикат, бидејќи тие би претставувале охрабрување за работниците на компанијата во другите сојузни држави да бараат нови отстапки.
Гласањето претставува само еден дел во комплексните односи помеѓу „Амазон“ и американската влада. Безос и Бајден се на иста страна кога станува зголемување на минималната плата на национално ниво, а првиот човек на „Амазон“ го поддржа и повикот на претседателот за зголемување на корпоративниот данок. Согласувањето на Безос и Бајден уследи по повиците за распарчување на технолошките гиганти како што е „Амазон“, бидејќи нивната големина им овозможува моќ за диктирање на условите на пазарите. А Безос знае дека судбината на „Амазон“ би можела да биде одлучена во Вашингтон.