Регулирање на статусот на бањите, како природни лекувалишта во рамките на постојниот Закон за здравствена заштита, бараат од Групацијата на бањи при Стопанската комора на Македонија. Оттаму појаснуваат дека со новиот закон за здравствена заштита од 2012 година статусот на бањите не бил регулиран и тие не можат да функционираат како здравствена организација што врши здравствена дејност и дава здравствена услуга, а ја вршеле својата дејност во согласност со склучени договори со Фондот за здравство за лекување и рехабилитација. Од 1 јануари 2019 година, Катлановска Бања, Негорска Бања, „Цар Самуил“ и Дебарска Бања, функционираат според анекс на договорите за продолжено болничко лекување и специјалистичко-консултативна здравствена заштита како преодно решение заклучно со јуни 2019 година.
Даниела Михајловска-Василевска од Стопанската комора на Македонија појасни дека во овој преоден период ќе треба да се најде решение како да се дефинираат законски бањите како природни лекувалишта, што е и целта на оваа иницијатива.
– Во сите земји од регионот третманот на бањите како природни лекувалишта е дефиниран во Законот за здравствена заштита. Нашиот предлог е конкретен бараме во два члена на Законот за здравствена заштита да се предвидат природните лекувалишта. Имено, во членот 68 да се додаде нова алинеја во став еден, која ќе гласи природни лекувалишта и во членот 96 да се додадат два нови става со што ќе се предвиди што претставува природно лекувалиште, односно како треба да работи – напоменува Михајловска-Василевска.
Таа додаде дека следен чекор ќе биде поведување иницијатива за регулирање на природните бањи како туристички центри во Законот за туристичка дејност. Во сите земји од регионот природните лекувалишта покрај како здравствени установи се користат и како значајни туристички центри (спа и велнес-центри), поради тоа што овие природни лекувалишта користат природен фактор – минерални води за кои се плаќа соодветна концесија што е утврдена од надлежните органи.
Кај нас во моментов само оние бањи што се приспособени на Законот за туристичка дејност нудат и туристички услуги. Ова, како што велат од комората, се смета за сериозен проблем што оневозможува овој сегмент на туристичка услуга да го нудиме и да го развиваме.
Капацитетот на Катлановска Бања, Негорска Бања, „Цар Самуил“ и Дебарска Бања изнесува вкупно 1.040 кревети (во 458 соби). Во единаесет месеци од 2018 година се реализирани 101.000 ноќевања и 12.562 туристички ноќевања. Е.Р.