Фото: Нова Македонија

И покрај предупредувањето на Меѓународниот монетарен фонд, домашните финансиски авторитети не очекуваат проблеми што би можеле да ја загрозат ликвидноста или солвентноста на банките

Предупредување од ммф ПОРАДИ НАЈАВЕНОТО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА НЕФУНКЦИОНАЛНИТЕ КРЕДИТИ

Кредитирањето на населението и на претпријатијата секоја година бележи сѐ поголем раст, особено изминатата година, за време на ковид-кризата. Но неизвесноста за последиците од пандемијата и натаму е присутна. Од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) велат дека, генерално, банкарскиот систем во нашата држава во целина е добро капитализиран и ликвиден, но предупредуваат на неизвесноста околу наплатата на кредитите.
– Во иднина, нефункционалните кредити веројатно ќе забележат определено зголемување, со изминувањето на регулаторната флексибилност и со постепеното намалување на фискалната поддршка за фирмите. Важно е да се задржат строги правила за класификација на ризикот и за издвојување резервации за кредити, за да им се овозможи на банките да издвојат доволно резерви со кои би ги покриле потенцијалните загуби. Привременото нераспределување дивиденда од страна на банките треба да го поддржи овој процес – потенцираат од ММФ.

И повторно, клучна е вакцинацијата

Универзитетскиот професор Трајко Славески вели дека, како последица од секоја посериозна економска криза, а кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19 е токму таква, нормално е да се очекува извесно зголемување на нефункционалните кредити во портфолијата на банките.
– Јас на почетокот од кризата од минатата година очекував посериозен удар од ова што е, барем досега, тековна состојба. Среќна околност е што пред кризата, а и во моментов учеството на лошите пласмани во вкупните побарувања на банките по основа на кредити на претпријатијата и домаќинствата е ниско и изнесува нешто над три отсто – објаснува
Според него, со сигурност во наредниот период може да се очекува зголемување на овој процент, но не до ниво да ја загрози ликвидноста или солвентноста на нашите банки.
– Во меѓувреме, Народната банка будно ја следи состојбата и, според моите информации, банките, особено поголемите, кои се системски значајни банки, спроведуваат т.н. стрес-тестови што би помогнале за пресретнување и на посериозни сценарија. Сето ова во голема мера ќе зависи од закрепнувањето на економијата – потенцира Славески.
Тој додава дека ова закрепнување дома зависи најмногу со успешното справување и ставањето под контрола на пандемијата, при што клучна е вакцинацијата на најмалку 65-70 отсто од населението до пред почетокот на есента. Од екстерните фактори, нашето закрепнување најмногу зависи од растот на економиите во ЕУ и во регионот, особено кај нашите најважни трговски партнери.
– Нашиот банкарски систем е солидно капитализиран според сите меѓународни стандарди. Адекватноста на капиталот надминува 16 отсто, додека минималната граница е 8 отсто. Тука позитивна улога за време на кризата одигра и привремената забрана за поделба на дивиденда како дел од профитот на банките што ја наметна Народната банка – нагласува Славески.
Како што вели тој, покрај сопствениот капитал и солидната депозитна база, банките имаат поголема можност за пристап до дополнителни средства и се подготвени да финансираат проекти во процесот на заздравување и раст на македонската економија.

Ризикот поголем кај фирмите отколку кај граѓаните

Според гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, последните расположливи податоци упатуваат дека стабилноста на банкарскиот систем е задржана.
– Вообичаено, кога се дава оцена за стабилноста на банкарскиот систем, се гледаат повеќе индикатори, како што се капитализираноста, ликвидноста на банкарскиот систем, квалитетот на неговата актива. Адекватноста на капиталот е околу 16, 8 отсто. Ова ниво значи дека адекватноста на капиталот е повисока во споредба со преткризниот период, кога изнесуваше 16, 3 отсто, и упатува на тоа дека банкарскиот систем солидно се справи со предизвиците од пандемијата. Порастот на адекватноста на капиталот е многу значаен и за обезбедување соодветна кредитна поддршка на граѓаните и населението – истакнува Ангеловска-Бежоска.
Во однос на ликвидноста, додава таа, податоците покажуваат дека таа е задржана на солидно ниво од околу 32 отсто.
– Во однос на квалитетот на активата на банкарскиот систем, којшто вообичаено се мери преку нефункционалните кредити, забележуваме подобрување во споредба со преткризниот период, но во овој квартал се забележуваат минимални знаци на одредено влошување на квалитетот на портфолиото. Во првиот квартал нефункционалните кредити изнесуваат 3,5 отсто, притоа тие се повисоки во сегментот кај претпријатијата околу 5 отсто, а помали се кај населението – 2 отсто – споменува Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката додава дека доколку заклучат дека компаниите не се во можност да ги сервисираат редовно кредитите, тогаш ќе пристапат со мерки за да не дојде до загрозување на банкарскиот систем.
– Направивме анализи за да ја оцениме ефективноста на мерката што веќе ја презедовме минатата година и можам генерално да заклучам врз база на анализите дека мерката даде голем резултат, околу 44 проценти од портфолиото на банките беа со одложено плаќање. Во моментов правиме дополнителни анализи околу нефункционалните кредити и доколку оцениме дека е навистина потребно, ќе реагираме соодветно – нагласи Ангеловска-Бежоска