Илустрација / Фото: Дарко Андоновски

Високата цена на енергентите е причина поради која индустријата перманентно ја истакнува потребата од зголемување на постојната потрошувачка и во таа насока се залага за интензивирање на гасификацијата, како и за натамошен развој на пазарот на природен гас во Македонија

Конкурентноста на домашните компании, како на домашен терен така и на светско ниво, зависи од нивниот пристап до евтин и достапен енергент. Во светот меѓу најевтините, а наедно и најбарани енергенти во последниве години е природниот гас. Но, за жал, најголем дел од македонските компании нема пристап до гасот, а уште потрагично е што тој за компаниите во земјава е многу поскап отколку за компаниите низ Европа. Поради ова се намалува конкурентноста на овдешните компании, особено кај тие што се извозно ориентирани.

Во нашата земја гасната мрежа воопшто не е развиена, долги години се гради основната преносна мрежа, но дистрибутивната мрежа е далеку од достапна. Поради ова, гасот не им е на дофат ниту на граѓаните ниту, пак, на компаниите. Малкуте компании што го користат овој енергент во производствениот процес плаќаат најскап гас во Европа.

Претставниците на бизнис-секторот постојано укажуваат дека скапите енергенти влијаат негативно врз стопанството, бидејќи тие се предуслов за поголема конкурентност.

– Цената на енергијата, од која во голема мера зависи степенот на конкурентност на македонскиот производ, добива сѐ поголемо значење во изострените услови на глобалниот пазар. Природниот гас, кој се смета за енергент на 21 век, е најпогоден енергент како од економски така и од еколошки аспект. Основната причина за повисоките цени за природен гас кај нас во однос на земјите во регионот е слабо развиениот пазар на природен гас во земјава како на страната на потрошувачката така и на страната на понудата – велат од Стопанската комора на Македонија.

Од СКМ додаваат дека високата цена на енергентите е причина поради која индустријата перманентно ја истакнува потребата од зголемување на постојната потрошувачка и во таа насока се залага за интензивирање на гасификацијата, како и за натамошен развој на пазарот на природен гас во Македонија. На овој начин гасот ќе стане подостапен за поголем број консументи, како за компаниите, така и за граѓаните.

– Со развојот на гасоводната инфраструктура во земјава ќе се овозможи развој на пазарот, бидејќи поголем број потрошувачи ќе имаат пристап до природниот гас. Во исто време очекуваме да се обезбедат интерконекциски врски на гасоводниот систем со поголем број соседни земји и со тоа диверзификација на пазарот на страна на понудата. Во последниве две години има двојно зголемување на потрошувачката на природен гас поради зголемената потрошувачка од комбинираните постројки за производство на електрична и топлинска енергија – посочуваат од Комората.

Со зголемена потрошувачка се очекува пад на цената на гасот, што ќе предизвика позитивно поместување во влезните трошоци кај корисниците на овој енергент и ќе значи поевтино производство и зголемена конкурентност на производот. Ова особено се однесува на енергетски интензивната индустрија.

Од почетокот на гасификацијата во Mакедонија, неколку компании станаа корисници на овој енергент. Но интересот на компаниите за користење на природниот гас, особено компании што користат алтернативни горива како нафта, а кои се поскапи од гасот, не стивнува. Најголем потенцијал е во енергетско интензивните дејности како производство на електрична енергија и топлина, металургија, метална индустрија, индустриските развојни зони итн.

– Бенефициите од зголемувањето на употребата на природниот гас се повеќекратни. Природниот гас е еколошки најчистото гориво што е ефикасно за решавање на аерозагадувањето во земјава. Исто така е најевтин енергент. И со сегашните цени е поевтин од користењето на другите горива. Во согласност со енергетските политики на Европската Унија, европските директиви во областа на енергетиката, енергетската ефикасност и екологијата, природниот гас ќе станува сѐ позначаен во економијата, бидејќи е гориво што ќе го обезбеди постепениот премин на енергетскиот сектор од фосилни горива кон обновливи извори на енергија – додаваат од СКМ.

Претставниците на бизнис-секторот истакнуваат дека процесот на гасификација во државата, односно развојот на гасоводната инфраструктура ќе има позитивно влијание и врз стопанските сектори што ќе бидат вклучени во неговата изградба.

По либерализацијата на пазарот со природен гас во 2015 година, Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) не ги утврдува набавната и продажната цена на природниот гас, туку нив ги формираат лиценцираните трговци и снабдувачите со природен гас во Македонија. РКЕ во согласност со законите ги формира тарифите за вршење на услугите пренос на природен гас и дистрибуција на природен гас.

Набавната цена на природниот гас по која трговците им го продаваат на снабдувачите и на потрошувачите е дефинирана во комерцијалните договори, кои ги склучуваат трговците и големите потрошувачи со странскиот доставувач, кај нас „Газпром“, а најчесто таквите договори имаат доверлива клаузула.

– Во согласност со енергетскиот биланс за 2019 година, предвидено е годинава да се потрошат 250 милиони нормални кубни метри, a максимален капацитет на цевката е 800 милиони нормални кубни метри природен гас. Висината на цената на природен гас главно зависи од неговата потрошувачка, како и од пазарните цени во ЕУ и во светот – појаснуваат од Министерството за економија.


Државата ќе го откупи уделот на „Макпетрол“ во ГА-МА

Во согласност со законските измени, во следниов период ќе треба да се одвои „Макпетрол“ од ГА-МА, бидејќи преносител на гасоводниот систем не смее да биде фирма што врши и снабдување со природен гас. Со измените што се според ЕУ-регулативата, „Макпетрол“ ќе треба да го продаде својот сопственички удел во ГА-МА и да остане само на една дејност, односно да биде снабдувач со гас.
– Во согласност со Законот за енергетика, членот 238, Владата во рок од една година од денот на влегувањето во сила на законот треба да донесе одлука за пренос на акциите на сопственикот на друштвото, по што преносот на сопственоста се запишува во Централниот депозитар за хартии од вредност – појаснуваат од Министерството за економија.
По европски препораки, државата ќе го купува уделот што „Макпетрол“ го има во гасоводот ГА-МА. Во иднина треба да се спојат постојните компании ГА-МА и „Македонски енергетски ресурси“ (МЕР), компанијата што го гради примарниот гасовод во земјава. ГА-МА е единствениот гасовод во земјава што не се користи со полн капацитет, туку само 30 отсто.

 

Фото: Дарко Андоновски