Во 2019 година започнуваме сериозен градежен процес на патна, железничка и енергетска инфраструктура, порача вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на вчерашната неформална предновогодишна средба и дружба на економскиот тим министри во Владата на Република Македонија со претседателите на стопанските комори и претставници на бизнис секторот во земјава.
-Покрај автопатот Кичево – Охрид кој ќе продолжи да се гради, се градат експресните патишта, Штип – Радовиш, се гради Штип – Кочани, се гради излезот кај Куманово кон Крива Паланка, се гради излезот од Градско кон Прилеп, ќе се гради Скопје – Блаце. Ова се проекти од една груба бројка, од над една и пол милијарда евра заедно со железницата од втората фаза, којашто сега се тендерираше и е во фаза на евалуација, далекуводот од Република Македонија кон Албанија во вредност од 50 милиони евра кој е проектиран, а ќе се распише тендер во јануари. Преку Законот за енергетика ќе се отвори простор за инсталација на 200 мегавати фотоволтаици што ќе бидат распишани во две фази, првата ќе биде во првиот квартал во 2019 година – потенцира Анѓушев.
Тој посочи дека со овие активности кои се во тек, во 2019 година започнува сериозен градежен процес на патна, железничка и енергетска инфраструктура кој на месечно ниво се очекува да има реализација од околу 50 до 60 милиони евра што ќе го подигне градежништвото на ниво на кое заедно со приватните градби ќе генерира раст.
– Градежништвото ќе го вратиме во нормален колосек имајќи предвид дека 16 нови фабрики се градат и најавите на индустријата да го задржи континуираниот раст – рече Анѓушев.
Во своето обраќање вицепремиерот за економски прашања ги сподели очекувањата и плановите на економските ресори за 2019 година и постигнатите резултати на економски план за годината што изминува и стави акцент на плановите за четирите клучни области, индустријата, трговијата, градежништвото и земјоделството кои имаат сериозно учество во севкупниот раст на бруто домашниот производ.