Отворање канцеларија на УЈП, гасификација и поврзување на двете вештачки езера „Лисиче“ и „Младост“ со цевковод, се само некои од проектите што денеска им ги вети вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на велешани.
Пари за езерата се обезбедени, преку KFW банката и ИПА.
Анѓушев најави и подобрување на инфрастуктурата во околината на Велес. Најпрво, истакна, ќе се заложи за мостот на Вардар кај Башино Село, како и за градење нов мост кај Речани.
Во однос на одамна почнатиот пат од Велес за Прилеп посочи дека ќе се искористи барем за изградба на обиколница околу Велес до индустриските зони и до селата.
На прашањето кога може да се очекува гасификацијата, потврди дека Велес веќе не е заобиколен по ова прашање. – Гасоводот беше замислено да оди преку два крака од кои едниот преку Штип, Неготино, Кавадарци, Прилеп, Битола, а другиот преку Скопје, Тетово, Гостивар и да заврши кај Кичево, Охрид. Сега преку програмата на МЕР за гасовидната мрежа во Македонија за оваа 2019 година веќе е изработен и основен детален проект за Велес. Градбата ќе се тендерира на почетокот на 2019, а во 2020 година ќе почне со градба за што конекцијата ќе биде во Штип. Очекувам за две до три години од почетокот на градбата Велес да има магистрала за гас, објасни Анѓушев.
Воедно информира дека Општина Велес веќе прави проект за дистрибутивна мрежа. Контејнерски ќе може да се носи гас до приклучувањето на магистралниот гасовод.
Анѓушев ги охрабри велешките бизнисмени што имаат хали да стават фотоволтаици. Се осврна на градењето фотоволтаична електрана надвор од нивните објекти. До крајот на март годинава, рече, ќе се овозможи градење на околу 70 мегавати фотоволтаични електрани во земјава, околу 50 мегавати на државно земјиште со одредени парцели и премиум тарифи. Премиумот е субвенција што ќе ја добијат бизнисмените над цената на слободниот пазар, само ќе треба да аплицираат. Ќе се дозволат и уште 20 до 30 мегавати за компаниите кои сами го обезбедиле земјиштето.
-Тоа го правиме бидејќи некои инвеститори веќе се купиле земјиште и планирале да прават и не е праведно ние тоа да им го забраниме. И нив ќе им доделиме и премиум тарифи, подвлече Анѓушев.