Потребно е да се најде компромис помеѓу доброто управување со јавните финасии од една страна, и пуштањето на финасиските текови во оптек и заживување на економијата во делот на капиталните инвестиции од друга страна, порача вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев пред официјалното започнување на јавната дебата „Економски разговори-јавните финансии на крстопат“ на Економскиот факултет во Скопје.
– Мора да реализираме проекти што се физибилни и ќе поттикнуваат дополнителна додадена вредност и инвестиции, а не смееме да трошиме пари на проекти што не генерираат натамошни дополнителни приходи. Само на тој начин брзо може да се дојде до ефекти – изјави Анѓушев, нагласувајќи дека се важни ефектите од јавното трошење.
Вицепремиерот прецизира дека во Буџетот за годинава се предвидени околу 400 милиони евра за капитални инвестиции што ќе се реализираат во разни министерства, но додаде дека поголемиот дел од ваквите инвестиции се во државните претпријатија преку кои се реализираат автопатиштата, железницата кон Бугарија, реконструкции на патишта, енергетски проекти.
– Факт е дека тие инвестиции во Буџетот слабо се реализираат на почетокот на годинава поради неподготвени проекти и неефикасни тендерски постапки. Во април и мај посветено работевме за нивна реализација и на завршетокот на вториот квартал ќе се види дека тие се повисоки. Оптимист сум дека капиталните инвестиции во Буџетот до крајот на годинава ќе бидат реализирани над 80 отсто и дека ќе биде реализирано она што беше предвидено – рече Анѓушев.
Министерот за финасии Драган Тевдовски посочи дека се прави секојдневен притисок за реализирање на капиталните инвестиции.
– Мислам дека веќе ќе почнеме да имаме резултати во поглед на нивната реализација. Оптимист сум бидејќи минатата година најголем дел од капиталните инвестиции беа реализирани во последниот квартал и тогаш успеавме да оствариме највисоко ниво на нивна реализација од околу 20 милијарди денари – рече Тевдовски.
Академик Таки Фити посочи дека во земјава има многу ниска ефикасност на јавната потрошувачка мерена според ефектите што ги дава врз Бруто домашниот производ, односно врз динамиката и квалитетот на економскиот раст и развој.
– Истражување во рамките на МАНУ покажува дека фискалните мултипликатори што се индикатор за ефикасноста во Република Македонија се мали, главно под еден, а добар дел од нив се со негативен предзнак. Две работи се клучни за подобрување на состојбата – промена на структурата на јавната потрошувачка со фокус на капиталните расходи и изградба на крупни инфраструктурни објекти и втората која е врзана со одржливоста на јавниот долг – изјави Фити.
Посочи дека капиталните инвестиции се извонредно значајни и додаде дека треба да бидат приоритет и нагласи дека Министерството за финасии и другите владини институции треба да градат капацитети за добро менаџирење на капиталните инвестиции.
– Едно е да се планираат капиталните инвестиции, а друго е да се реализираат. Секогаш има проблем со нивната реализација, бидејќи немаме доволно способност во јавната администрација за менаџиирање на капитални инвестиции. Потребни се добри физибилити студии и однапред да се предвидат низа работи во проектите кои можат да ги пролонгираат и поскапуваат како што се регулацијата на имотно-правните односи, еколошките проблеми и заштита на археолошките наоѓалишта покрај трасите што придонесува да не се реализираат со предвидената динамикаn- потенцира Фити.