Во првиот квартал годинава во Македонија се влезени 235 милиони евра странски директни инвестиции. Тоа е најуспешен квартал од кое било тримесечие од 2007 година досега и во споредба со цела 2017, но и со годишните износи во 2015, 2014, 2012, 2010 и 2009 година.
Тоа го објави денеска на прес-конференција вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, повикувајќи се на податоците изготвени врз основа на методологијата на Народната банка на РМ.
Инвестиците во првите три месеци од годинава се директни странски вложувања, како и вложувања од постојните компании во државава кои, појасни Анѓушев, продолжиле со инвестирањето препознавајќи ја поволната бизнис клима.
– Оваа бројка е факт кој никој не може да го побие и е одговор на сите обвинувања за економското работење на Владата во претходниот период. Политиките кои ги водиме и кои се транспарентни и се одразуваат преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции, промените во Законот за енергетика, и останатите мерки кои ги преземаме преку Фондот за иновации и технолошки развој за поддршка на економијата, полека се препознаени од домашните и странските инвестиции и дават резултати – рече Анѓушев.
Тој на прес-конференцијата во Владата најави две нови инвестиции во Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) Скопје 1 во вкупен износ од 11 милиони евра, во кои ќе се отворат по 80-тина работни места.
Комисијата за економски совет донела препорака до Владата да ги усвои договорите за државна помош за инвестицијата на „Зенит интернешенал продукт“ од ОАЕ од три милиони евра со 80 вработувања која во зоната во Бунарџик ќе произведува грејачи за бојлери и на турската „Балканлар пластик“ која ќе инвестира осум милиони евра во капацитет за призводство на амбалажа-лиена пластика, и исто така ќе обезбеди 80 вработувања.
– Владата во периодот кој измина потпиша над 12 договори, во моментов разговара со над 200 компании од кои со 30 е во завршна фаза на разговор. Само во една година е извесно дека ќе се потпишат 16 договори од кои 12 се веќе потпишани, четири во завршна фаза кои ќе бидат во наредните неколку недели, 30-ина други во асполутно завршна фаза -соопшти Анѓушев.
Како што дополни, сите инвестиции се направени без организирање економски презентаци, маркетиншки трошоци, без голем тим министри за странски инвестиции и промотори, туку врз база на вредното работење на луѓето од кабинетите, од Агенцијата за технолошко индустриски развојни зони и на сите економски ресори во Владата.
Вицепремиерот не го коментираше барањето за предвремени парламентарни избори што го упати опозициската ВМРО-ДПМНЕ од вчерашниот митинг, но забележа дека многу чести избори не се поволни за економските активности и оти стабилноста е важна за работењето на економијата. На критиките од опозицијата најави дека ќе одговараат со аргументи и бројки.
– Работа на опозицијата е да критикива, некојпат и неаргументирано, а јас еве денеска одговорив со аргументи. Ги канам да дискутираме со аргументи. Сметам дека опозицијата полека ќе се консолидира и ќе дојде на ниво освен од паушални оценки и едноставно политизирање да дојдеме во сфера да разговараме со аргументи – рече Анѓушев.
Одговарајќи на новинарски прашања информираше дека ветената мерка за поврат на ДДВ во пилот фаза ќе се спроведе во неколку општини.
– За тој проект во моментов се размислува за да не влијае негативно, ниту на страната на Буџетот ниту на граѓаните и согласно моите сознанија ќе биде пуштено како пилот проект во неколку општини, а потоа и на целата територија на Македонија – информираше Анѓушев.