Со Ребалансот за 2019 се обезбедува поддршка за поголеми плати во приватниот и јавниот сектор, повеќе средства за активни мерки за вработување и средства за проектот МојДДВ, преку кој за помалку од три месеци на граѓаните ќе им биде извршен поврат на ДДВ. Алоцирање на средства онаму каде ќе има најголема ефикасност и каде може да се постигнат поголеми економски ефекти е целта на предложениот ребаланс на буџетот, истакна министерката за финансии Нина Ангеловска.
-Со ребалансот се обезбедува распределбата на поголем дел од јавните приходи кај граѓаните, директно вложување во потребите и потенцијалите на луѓето и силна финансиска поддршка за бизнисот за отворање на нови работни места и исплати на повисоки плати во приватниот сектор и за сите работници. Притоа, поставените цели за 2019 година целосно се насочени во функција на постигнување на клучните приоритети на општеството: повисоки стапки на раст на економијата, зголемување на продуктивното вработување, подигнување на животниот стандард на населението, постигнување на повисоко ниво на социјална правда и интензивирање на интеграциските процеси за ЕУ и НАТО – рече министерката Ангеловска.
Ангеловска истакна и дека од први септември стапи на сила ново покачување од 5 отсто на платите во јавната администрација, здравството, образованието, градинките, полицијата, културата, одбраната и во другите дејности во јавната администрација, кое ќе се исплати на почетокот на октомври.
Министерката за финансии посочи дека со ребалансот е направена незначителна корекција на приходната и расходната страна, а дефицитот е непроменет – односно дека измените воглавно се однесуваат на реалокација помеѓу веќе утврдените ставки во рамки на почетните проекции.
Ангеловска истакна дека со ребалансот се алоцираат 400 милиони денари за мерката за субвенционирање на придонесите доколку работодавецот ја зголеми платата на вработениот до 100 евра. Исто така, предвидени се дополнителни 200 милиони денари за активни мерки за вработување.
Алоцирани се дополнителни средства за набавка на лекови за ретки болести и инсулин, како и 660 милиони денари во Фондот за здравствено осигурување со цел непречено остварување на право на здравствена заштита и боледувања. Исто така предвиден е и поголем трансфер од Буџетот на Фондот за пензиско и здравствено осигурување од 815 милиони денари кон пензиските друштва од вториот пензиски столб, согласно месечните исплати за бројот на осигуреници, што во суштина го потврдува и трендот за зголемување на вработеноста.
Во насока на заложбите на Владата за гасификација на земјава, предвидени се средства за купување на акциите од ГА-МА. Како поддршка на напорите на централната и локалната власт за исполнување на препораките од УНЕСКО, предвидени се средства за Колекторски систем за заштита на Охридското езеро. Исто така, предвидени се средства за поддршка во земјоделието за справување со болеста Африканска чума кај свињите.
Министерката наведе дека согласно континуираните напори на Министерството за финансии за намалување на каматните стапки на задолжувањето, во ребалансот каматните расходи се намалени за 924 милиони денари.
Министерката за финансии истакна дека од почетокот на годината заклучно август, вкупните приходи во буџетот изнесуваат 130,3 милијарди денари, што е 61,8 отсто од планираното и е за 7,2 отсто подобра наплата во однос на лани.