Амбасадорката Брнз особено се интересираше за предизвиците со кои се соочува компанијата при регрутацијата на нови кадри, нивната обученост, способности и вештини што е потребно да ги поседуваат поради спецификите на дејноста
Делегација од Амбасадата на Соединетите Американски Држави, предводена од нејзината екселенција, амбасадорката Кејт Мери Брнз, оствари работна посета на „Алкалоид“ АД Скопје.
За време на посетата, високите дипломатски претставници беа запознаени со резултатите од работењето на компанијата, нејзините пласмани и производствените операции. Беа презентирани и многубројните инвестиции што „Алкалоид“ континуирано ги реализира низ годините, како и извозните активности, кои се еден од клучните сегменти од корпоративната политика на компанијата.
Акцентот на посетата беше ставен на долгогодишната успешна соработка на компанијата со Соединетите Американски Држави (САД), каде што ,,Алкалоид“ АД Скопје во 2005 година основа своја подружница, со седиште во Њу Олбани, Охајо. На ваквиот деловен потег му претходеше успешната деловно-техничка соработка со реномирани компании од САД, трасирани пред повеќе од пет децении. Во моментов, „Алкалоид“ е партнер од избор на неколку реномирани американски фармацевтски компании со кои има различни форми на соработка, како лиценцно производство, маркетиншко застапување и авторизации за дистрибуција на нивните производи.
Од деловните потфати во САД, особена гордост за „Алкалоид“ се пласманите на чаевите од програмата „Good Nature“. Во изминатите 15 години компанијата има воспоставено успешна соработка со американски компании специјализирани за производство и дистрибуција на чаеви и природни лековити производи, како реномираната ,АВЕДА, членка на групацијата „Есте Лаудер“, компаниите „Арбон интернационал“ и ,,Свансон“, кои во 2019 година надминаа извоз во САД од пет милиони американски долари, со тенденција за раст.
Амбасадорката Брнз го истакна своето задоволство од успешното работење на „Алкалоид“, а особено беше фасцинирана од обиколката на производствените капацитети на компанијата, како и високото ниво на технолошка опременост и човечкиот капитал што управува со процесите.
На темата човечки капитал, амбасадорката Брнз особено се интересираше за предизвиците со кои компанијата се соочува при регрутацијата на нови кадри, нивната обученост, способности и вештини што е потребно да ги поседуваат поради спецификите на дејноста.
Г-ѓа Брнз имаше чест да ги посети и најновите проширени производствени капацитети, за чија изградба и опремување компанијата неодамна вложи над 11 милиони евра и чие комплетно пуштање во функција се очекува во претстојниот период.