„Алкалоид“ има раст на консолидираните продажби од 10 отсто, двојно зголемени инвестиции во износ од над 841 милион денари и 111 нови вработувања во периодот јануари-јуни 2020 година.
Приходи од продажби
Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари-јуни 2020 година, продажбите достигнуваат 4.740.145.403 денари, што е за 15 проценти повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби достигнуваат 6.067.515.783 денари, што е за 10 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Продажби според региони
Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 8 проценти, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 10 отсто. Од вкупните консолидирани продажби, 34 проценти се остварени на домашен пазар, додека 66 отсто се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 35 проценти, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 21 отсто, во Русија и во другите земји од ЗНД се остварени 8 проценти, а на другите пазари се остварени 2 отсто од вкупните консолидирани продажби.
Најзабележителен раст е остварен во земјите од Југоисточна Европа, со продажби од над 2 милијарди денари и со раст од 14 проценти, споредено со истиот период минатата година. САД бележат раст од 16 отсто, Русија и другите земји во ЗНД раст од 8 проценти, земјите од Западна Европа раст од 5 отсто итн.
Продажби според групи производи
Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество имаат производите од сегментот фармација, 86 проценти. Од нив, поголем удел имаат препаратите ОТЦ со 23 отсто, антибиотиците и кардиолошките препарати со по 15 проценти, невролошките препарати 13 отсто од вкупните консолидирани продажби. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 14 проценти во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија и билкарство по 3 отсто, а козметика со 8 проценти.
Резултати од работењето
Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 944.488.412 денари, бележи зголемување од околу 12 проценти, додека единечната нето-добивка изнесува 525.025.059 денари и е зголемена за 10 отсто.
Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 978.792.142 денари и бележи раст од 13 проценти, а консолидираната нето-добивка во износ од 511.911.371 денари е зголемена за 11 отсто.
Инвестиции
Вкупните инвестиции во основни средства, во периодот јануари-јуни 2020 година, изнесуваат 841.058.536 денари, што е за 99 проценти повеќе во однос на истиот период од 2019 година.
Реализацијата на инвестициските активности, вредни над 12 милиони евра, наменети за проширување на производствените капацитети, како и за подобрување на енергетската ефикасност и за намалување на штетните емисии во воздухот, кои започнаа во 2019 година, се одвива во согласност со планираното. Комплетирањето на овие инвестиции е предвидено во текот на 2020 година.
Вработени
Во периодот јануари-јуни 2020 година во „Алкалоид“ се реализирани 111 нови вработувања во РС Македонија. На крајот на јуни 2020 година, во „Алкалоид“ во земјата работат 1.771 вработен, додека во друштвата и во претставништвата во странство има вкупно 529 вработени или вкупно 2.300 вработени во групацијата. Со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје, во март 2020 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата, во висина од 29.687 денари бруто, односно 26.718 денари нето.
Податоци за акциите
Акциите на „Алкалоид“ АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари-јуни 2020 година се движеше од 8.354,00 денари до 13.400,00 денари, или просечно 11.949,58 денари за една акција, што претставува раст од 40 проценти во споредба со просечната цена во истиот период од 2019 година. Пазарната капитализација на компанијата на 30.6.2020 изнесуваше 17 милијарди денари.
Бизнис-план за 2020 година
Бизнис-планот за 2020 година, донесен со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје, на седницата одржана на 27.12.2019 година, предвидува инвестирање на околу 14 проценти од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од најмалку 7 отсто на консолидираните продажби во однос на 2019 година, како и раст од најмалку 7 проценти на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2019 година.
Очекувања за претстојниот период
Во изминатиот период друштвото се соочи со голем број интерни и екстерни предизвици и новонастанати ризици генерирани од пандемијата на ковид-19. Ние во „Алкалоид“ презедовме голем број мерки во досегашниот период, за неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрозат здравјето на вработените и успешното работење на друштвото. Во текот на вториот квартал дојде до одредено балансирање на нивото на резервите кај нашите купувачи, како и до стабилизирање на порастот на приходи од продажби. Во претстојниот период, врвен приоритет и понатаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност и на финансиската стабилност. Како резултат на преземените мерки, очекуваме резултатите од работењето на друштвото до крајот на годинава да се движат во рамките на веќе поставените плански цели за 2020 година.