„Алкалоид АД“ Скопје оствари позитивни финансиски резултати во периодот јануари – март 2018 година, покажуваат неревидираниот единечен и неревидираниот консолидиран Биланс на успех.
Според единечниот Биланс на успех, во периодот јануари – март, продажбите достигнуваат 1.845.629.963 денари, што е за 4% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 365.029.832 денари, бележи зголемување од околу 7%, единечната нето добивка изнесува 215.295.378 денари и истата е зголемена за 6%.
Во периодот јануари – март, вкупните консолидирани продажби достигнуваат 2.458.001.587 денари, што е за 5% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се на исто ниво, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 9%.
Од вкупните консолидирани продажби, 36% се остварени на домашен пазар, додека 64% се остварени на странски пазари. Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 34%, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени 8%, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 20% и на останатите пазари се остварени 2% од вкупните консолидирани продажби.
Најзабележителен раст е остварен во САД со продажби од 49.862.281 денари што претставува зголемување за 2,7 пати и Унгарија со продажби од 29.834.403 денари што претставува зголемување за 10 пати споредено со истиот период од минатата година. Кај извозните пазари пораст бележат и следните земји: Полска раст од 353%, Украина раст од 123%, Косово раст од 38%, Чешка раст од 31%, Србија раст од 28% итн.
Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот Фармација и тоа 85%. Од нив поголем удел имаат ОТЦ препаратите со 19%, Кардиолошките препарати со 16%, Антибиотиците со 17%, Невролошките препарати заземаат 13% од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот Хемија, Козметика и Билкарство учествува со 15% во вкупните консолидирани продажби или поточно Хемија учествува со 3%, Козметика со 8% и Билкарство учествува со 4%.
Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која достигнува 414.007.823 денари бележи раст од 6%, додека нето консолидираната добивка во износ од 246.800.792 денари е зголемена за 7%.
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – март 2018 година изнесуваат 357.342.100 денари што е речиси трикратно зголемување во однос на истиот период од 2017 година.
Во периодот јануари – март 2018 година во Алкалоид се реализирани 51 нови вработувања во Република Македонија.