„Алкалоид“ со раст на консолидираните продажби од 13 отсто, раст на консолидираната нето-добивка од 18 проценти, инвестиции во износ од над 1 милијарда денари и 218 нови вработувања во периодот јануари – декември 2019 година.
Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – декември 2019 година, продажбите достигнуваат 8.428.009.344 денари, што е за 12 отсто повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Вкупните консолидирани продажби достигнуваат 11.102.808.123 денари, што е за 13 проценти повеќе во споредба со истиот период.
Продажби по региони и земји
Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 8 отсто, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 17 проценти. Од вкупните консолидирани продажби, 35 отсто се остварени на домашниот пазар, додека 65 проценти се на странски пазари. Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 33 отсто, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 20 проценти, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени 9 отсто и на преостанатите пазари се остварени 3 проценти од вкупните консолидирани продажби.
Најзабележителен раст е остварен во САД, кој е 2 пати поголем од лани, во Русија има раст од 91 отсто, во Германија 57 проценти, а во Велика Британија е регистриран раст од 56 отсто споредено со истиот период од минатата година. Кај извозните пазари, раст има во Романија (42%), Украина (35%), Бугарија и Косово (16%), Црна Гора (9%), Србија и Словенија (7%) итн.
Продажби по групи на производи
Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 86 проценти. Од нив, поголем удел имаат ОТЦ-препаратите со 22 отсто, кардиолошките препарати и антибиотиците со 15 проценти. Невролошките препарати заземаат 13 отсто од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 14 проценти во вкупните консолидирани продажби или, поточно, хемија учествува со 2 отсто, козметика со 8 проценти и билкарство со 4 отсто.
Инвестиции
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – декември 2019 година изнесуваат 1.091.631.671 денар. Вложувањата главно се наменети за проширување на производствените капацитети. Во 2019 започнаа инвестиции во новите производствени одделенија што ќе се простираат на површина од 7.000 квадратни метри и кои, како и преостанатите, ќе се изведуваат во согласност со строгите барања за добра производствена практика. Ова ќе овозможи раст на капацитетите за производство за најмалку 50 отсто, односно од сегашниот капацитет од речиси 2 милијарди таблети и капсули годишно, на повеќе од 3 милијарди парчиња цврсти фармацевтски форми. Вкупниот износ на инвестицијата е проценет на 11 милиони евра. Комплетирањето на оваа инвестиција, планирано за првата половина од 2020 година, ќе создаде услови за реализирање околу 200 нови вработувања во сегментот фармација.
За подобрување на енергетската ефикасност и намалување на штетните емисии во воздухот, во 2019 година започна реализација на проектот за гасификација на локалитетот „Алкалоид“ – Ѓорче Петров. Проектот е вреден над 1 милион евра, а неговата финализација е предвидена во текот на 2020 година.
Вработени
Во периодот јануари – декември 2019 година во „Алкалоид“ се реализирани 218 нови вработувања во РС Македонија. На крајот на декември 2019 година во „Алкалоид“ работат 1.653 вработени, додека во друштвата и претставништвата во земјата и во странство има 574 вработени, или вкупно 2.227 во групацијата.
Со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид“, во март 2019 е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор на вработените во компанијата, во висина од 27.709 денари бруто, односно 24.938 денари нето. Во август 2019 е одобрено зголемување на нето-платата на вработените за 5,2 отсто, почнувајќи од 1.9.2019 година, со што просечната исплатена нето-плата за декември 2019 година достигна 46.686 денари.
Податоци за акциите
Акциите на „Алкалоид“ АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидни акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – декември 2019 година се движеше од 8.200 денари до 11.901 денар, или просечно 9.508 денари за една акција, што претставува раст од 18 отсто во споредба со просечната цена во истиот период од 2018 година. Пазарната капитализација на компанијата во 2019 година надмина 17 милијарди денари.
Бизнис-план
Остварените продажби и остварениот профит за 2019 година го надминаа бизнис-планот за 2019 година донесен со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје на седницата одржана на 27.12.2018.
Бизнис-планот за 2020 година, донесен со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје на седницата одржана на 27.12.2019 година, предвидува инвестирање на околу 14 отсто од консолидираните приходи од продажби во материјални и нематеријални средства, раст од најмалку 7 проценти на консолидираните продажби во однос на 2019 година, како и раст од најмалку 7 отсто на консолидираниот профит пред оданочување во однос на проекциите за 2019 година.