„Алкалоид“ има раст на консолидираниот извоз од 19 отсто, раст на консолидираната нето-добивка од 26 проценти, инвестиции во износ од 603 милиони денари и 127 нови вработувања во периодот јануари – септември 2019 година.
Приходи од продажби
Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – септември 2019 година, продажбите достигнуваат 6.305.476.687 денари, што е за 14 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 8.266.092.980 денари, што е за 15 проценти повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Продажби по региони и земји
Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 7 отсто, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 19 проценти. Од вкупните консолидирани продажби, 35 отсто се остварени на домашен пазар, додека 65 проценти се остварени на странски пазари. Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 33 отсто, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 21 процент, во Русија и во другите земји од ЗНД се остварени 9 отсто и на преостанатите пазари се остварени 2 проценти од вкупните консолидирани продажби.
Најзабележителен раст е остварен во Велика Британија со продажби од 278.615.173 денари што е 2 пати повеќе од лани, Русија со продажби од 538.437.567 денари што претставува раст од 95 отсто и во САД со продажби од 194.055.288 денари што претставува раст од 69 проценти споредено со истиот период од минатата година. Кај извозните пазари пораст бележат и следните земји, Германија 51 отсто, Украина 32, Романија 24, Косово 16, Бугарија 15, Црна Гора 10, Србија и Словенија 9, Хрватска 7 итн.
Продажби по групи производи
Гледано по групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација и тоа 86 отсто. Од нив поголем удел имаат ОТЦ-препаратите со 22 проценти, кардиолошките препарати со 15 отсто, антибиотиците со 15 проценти, невролошките препарати заземаат 13 отсто од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 14 проценти во вкупните консолидирани продажби или поточно хемијата учествува со 2, козметиката со 8 и билкарството учествува со 4 отсто.
Резултати од работењето
Единечната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 1.308.826.329 денари, бележи зголемување од околу 22 проценти, додека единечната нето-добивка изнесува 764.835.749 денари и е зголемена за 25 отсто.
Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), достигна 1.337.473.830 денари и бележи раст од 22 проценти, додека нето-консолидираната добивка во износ од 738.604.635 денари е зголемена за 26 отсто.
На ниво на групација нето-профитната маржа за првите 9 месеци од 2019 година изнесува 8,9 проценти, оперативната маржа е 10,4 отсто, додека ЕБИТДА-маржата изнесува 16,2 проценти.
Инвестиции
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – септември 2019 година изнесуваат 602.620.282 денари. Вложувањата главно се наменети за проширување на производствените капацитети.
Во 2019 година започнаа инвестициите во новите производствени одделенија што ќе се простираат на површина од 7.000 квадратни метри и кои како и преостанатите, ќе се изведуваат во согласност со строгите барања за добра производствена практика (ГМП). Ова ќе овозможи зголемување на капацитетите за производство за најмалку 50 отсто, односно од сегашниот капацитет од речиси 2 милијарди таблети и капсули годишно, на повеќе од 3 милијарди парчиња цврсти фармацевтски форми. Вкупниот износ на инвестицијата е проценет на 11 милиони евра. Комплетирањето на оваа инвестиција, планирано за првата половина од 2020 година, ќе создаде услови за реализирање на околу 200 нови вработувања во сегментот фармација.
Вработени
Во периодот јануари – септември 2019 година во „Алкалоид“ се реализирани 127 нови вработувања во Република Северна Македонија. Со тоа на крајот на септември 2019 година во „Алкалоид“ АД Скопје работат 1.576 вработени, додека во друштвата и претставништвата во земјата и во странство има вкупно 536 вработени или вкупно 2.112 вработени во групацијата.
Со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје, во март 2019 година, е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор на вработените во компанијата, во висина од 27.709 денари бруто, односно 24.938 денари нето, додека во август 2019 година, е одобрено зголемување на нето-платата на вработените за 5,2 отсто почнувајќи од 1.9.2019 година со што просечната исплатена нето-плата за септември 2019 година достигна 46.686,00 денари.
Податоци за акциите
Акциите на „Алкалоид“ АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидни акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – септември 2019 година се движеше од 8.200,00 денари до 11.500,00 денари или просечно 8.955,70 денари за една акција. Пазарната капитализација на компанијата достигна 16 милијарди денари.
Бизнис-план за 2019 година
Бизнис-планот за 2019 година донесен со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје на седницата одржана на 27.12.2018 година предвидува инвестирање на околу 16 проценти од консолидираните продажби во материјални и нематеријални средства од сопствени извори, раст од најмалку 7 отсто на консолидираните продажби во однос на 2018 година како и раст од најмалку 7 проценти на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2018 година.
Во согласност со досегашните резултати, при непроменети услови на пазарите во кои функционира „Алкалоид“, менаџментот на компанијата проценува надминување на планираните продажби и планираниот профит за 2019 година.