Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари-декември 2020 година, продажбите достигнуваат 9.188.259.186 денари, што е за 9 отсто повеќе во споредба со истиот период во 2019 година. Вкупните консолидирани продажби достигнуваат 12.132.328.349 денари, што е за 9 проценти повеќе

Продажби според региони

Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 9 отсто. Вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен исто така за 9 проценти. Од вкупните консолидирани продажби, 35 отсто се остварени на домашен пазар, додека 65 проценти на странските пазари. Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 33 отсто, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 20 проценти, во Русија и во другите земји од ЗНД се остварени 10 отсто, а на другите пазари се остварени 2 проценти од вкупните консолидирани продажби.
Најзабележителен раст е остварен во Чешка, од 44 отсто, Албанија бележи раст од 42 проценти, Грузија 31 отсто, Унгарија 29 отсто, Ерменија 20 отсто, Бугарија 18, Романија 15, Србија 14, Словенија 12, Русија 10 отсто… Во 2020 година се реализирани првите продажби на сегментот Фармација во Канада, во вредност од 30,4 милиони денари.

Продажби според групи производи

Во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, со 87 отсто. Од нив поголем удел имаат препаратите ОТЦ, со удел од 22 проценти, антибиотиците со 16 отсто, кардиолошките препарати со 14, невролошките препарати заземаат 13 отсто од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 13 проценти во вкупните консолидирани продажби.

Резултати од работењето

Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 1.959.849.982 денари, бележи зголемување од околу 10 отсто, додека единечната нето-добивка изнесува 1.142.650.910 денари и е зголемена за 13 проценти.
Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 2.077.934.491 денар и бележи раст од 12 отсто, додека консолидираната нето-добивка во износ од 1.167.484.742 денари е зголемена за 15 проценти.

Инвестиции

Вкупните инвестиции во основни средства, во периодот јануари-декември 2020 година, изнесуваат 1.571.226.812 денари, што е за 44 отсто повеќе во однос на 2019 година.
Реализацијата на инвестициските активности, вредни над 12 милиони евра, наменети за проширување на производствените капацитети, како и за подобрување на енергетската ефикасност и за намалување на штетните емисии во воздухот, кои почнаа во 2019 година, се одвива во согласност со планот.

Вработени

Во периодот јануари-декември 2020 година во „Алкалоид“ се реализирани 210 нови вработувања во РС Македонија. На крајот на декември 2020 година, во „Алкалоид“ во земјата работат 1.832 вработени, додека во друштвата и во претставништвата во странство има вкупно 560 вработени, или вкупно 2.392 вработени во групацијата.
Со одлука на Управниот одбор, во март 2020 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата, во висина од 29.687 денари бруто, односно 26.718 денари нето.
Во декември 2020, Управниот одбор по повод новогодишните и божиќни празници, а имајќи ги предвид отежнатите услови за работење на сите вработени за време на справувањето со ковид-пандемијата во 2020 година и во знак на благодарност, одобри исплата на новогодишен надоместок во нето-износ од 25.000 денари.

Податоци за акциите

Акциите на „Алкалоид“ котираат на официјалниот пазар на „Македонската берза за хартии од вредност“ од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари-декември 2020 година се движеше од 8.354 до 13.499 денари, или просечно 12.174 денари за една акција, што претставува раст од 28 отсто во споредба со просечната цена во 2019 година. Пазарната капитализација на компанијата на 31.12.2020 изнесуваше 18,9 милијарди денари.

Бизнис-план за 2021 година

Бизнис-планот за 2021 година, донесен со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид“, на седницата одржана на 29.12.2020 година, предвидува инвестирање на околу 12 отсто од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од 7 проценти на консолидираните продажби во однос на 2020 година, како и раст од 7 отсто на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2020 година.
Бизнис-планот за 2021 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи, достапни за компанијата во моментот на подготвување на планот. Околностите и настаните во 2021 година, а со тоа и остварените резултати, може да варираат од прикажаните во бизнис-планот.

Очекувања за претстојниот период

Во изминатиот период друштвото се соочи со голем број интерни и екстерни предизвици и новонастанати ризици, генерирани од пандемијата на ковид-19. Ние во „Алкалоид“ презедовме голем број мерки во досегашниот период за неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрозат здравјето на вработените и успешното работење на друштвото. Во втората половина од годината дојде до одредено балансирање на нивото на резервите кај нашите купувачи, како и до стабилизирање на порастот на приходи од продажби. Во претстојниот период, врвен приоритет и понатаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност и на финансиската стабилност.