За албанската Влада не е прифатливо српската компанија „Телеком Србија“ да биде сопственик на „Телеком Албанија“, поради можните реакции од политичка природа, објави тиранската телевизија Топ ченел .
Како што јави дописникот на МИА, официјални владини извори потврдуваат дека високи претставници на српската компанија се сретнале со претставници на албанското Министерство за транспорт во Тирана.
За време на оваа средба, на претставниците на „Телеком Србија” им било порачано дека нивното присуство на албанскиот пазар би можело да создаде проблеми како последица од можните реакции од политичка природа, иако српските инвестиции се важни за Албанија.
– Доаѓањето на „Телеком Србија“ во Албанија не е добредојдено. Иако одлуката е меѓу компаниите и тука Владата нема влијание, вклучувањето на „Телеком Србија“ на пазарот на мобилна телефонија може да предизвика реакции што може негативно да влијаат врз самата компанија. Ние сме подготвени да дочекаме српски инвестиции во земјата, но за овој сектор претпочитаме инвеститор со друг профил, изјавиле извори од албанската Влада за Топ ченел.
Телевизијата дознава дека „Телеком Србија“ понудила 60 милиони евра, што се смета за најповолна понуда.
„Телеком Албанија“ е втор најголем оператор во Албанија.