Фото: Маја Јаневска-Илиева

Вклучувањето на Македонија во проектот ќе овозможи диверзификација на маршрутите за пристап до природен гас не само за нашата земја, туку и за Централна Европа

МАКЕДОНИЈА Е ВО МРЕЖАТА ЗА ДИВЕРЗИФИКАЦИЈА НА СНАБДУВАЊЕТО СО ГАС НА ЈУЖНА ЕВРОПА

По четири и пол години изградба, Трансјадранскиот гасовод (ТАП) е завршен. Тој е дел од европскиот „Јужен гасен коридор“ и се поврзува со гасоводот ТАНАП (Трансадолски гасовод), преку кој се обезбедува азербејџански гас до Турција преку Грузија.
ТАП сега е исполнет со гас од спојот со ТАНАП на грчко-турската граница и тоа е гас од азербејџанското касписко поле Шах Дениз, кој треба да пристигне на својата крајна дестинација – приемниот терминал во јужна Италија. Пуштањето во употреба на овој нов гасовод треба да биде на средината на ноември, објави операторот на компанијата ТАП.
Неодамна од Владата посочија дека Македонија ќе се вклучи во изградба на терминалот за течен природен гас во близината на Александрополис, Грција. Според најавите, земјава ќе биде дел од проектот за изградба на пловна станица на 17 километри од Александрополис за привремено складирање и гасификација на течниот природен гас, со капацитет од 170.000 кубни метри и можност за снабдување со природен гас од над 5,5 милијарди кубни метри.
Премиерот Зоран Заев беше во работна посета на Грција, каде што оствари средба со Кристос Копелузос, извршен директор на групацијата „Копелузос“, која е основачки акционер на компанијата „Гастрејд“. На средбата бил изразен заемен интерес земјава да се вклучи во изградба на терминалот за течен природен гас во близината на Александрополис во Грција, како нова, независна влезна точка за снабдување со природен гас на земјите од Југоисточна Европа, меѓу кои и на нашата.

– Со покажаниот интерес, за кој од конзорциумот „Гастрејд“ изразија поддршка тоа да биде остварено, земјава ќе биде дел од проектот за изградба на пловна станица на 17 километри од Александрополис за привремено складирање и гасификација на течниот природен гас, со капацитет од 170.000 кубни метри и можност за снабдување со природен гас од над 5,5 милијарди кубни метри – посочија од Владата, нагласувајќи дека со проектот се создава можност за трајно и стабилно снабдување со природен гас за нашата земја, која, истовремено, ќе стане точка од која потоа гасот ќе се дистрибуира и пошироко во регионот, и во земјите што ќе покажат интерес.
Вклучувањето на Македонија во проектот ќе овозможи диверзификација на маршрутите за пристап до природен гас не само за нашата земја, туку и за Централна Европа. Минатиот месец кон проект се приклучи и Бугарија, преку националниот оператор за природен гас „Булгартрансгас“.
Гасоводот ТАП е долг 878 километри и ќе може да испорачува 10 милијарди кубни метри гас годишно до Грција, Бугарија и поголемиот дел од Италија.
Може да се каже дека ТАП му е конкуренција на вториот гасовод од Русија „Турски тек“, кој сè уште не е комплетиран, а според плановите, треба да обезбеди руски гас за Бугарија, Србија и за Унгарија, со евентуално вклучување и на Република Српска и на Босна и Херцеговина. Капацитетот на овој „Турски тек“ ќе биде нешто повеќе од 15 милијарди кубни метри гас годишно. Првите испораки од овој гасовод наменети за Турција почнаа на почетокот на годинава.

Македонските енергетски експерти, пак, укажуваат дека и сега Македонија има пристап до природен гас, но капацитетот на истиот тој сѐ уште не се искористува целосно, а на новиот приклучок гледаат повеќе како на политичко поентирање.
– Ние имаме гас, но немаме потрошувачка. Имаме гасовод што може да пренесува 800 милиони кубни метри, а годишно трошиме помалку од 400 милиони кубни метри. Ако имаме втора врска, втор приклучок на нов гасовод, прашање е дали тој ќе биде поевтин, но факт е дека е добро да има конкуренција и да имаме два извора. Во игра се големи пари и станува збор за стратегиска, голема игра. Притисокот е пред сѐ политички – смета универзитетскиот професор Костадин Димитров.