Македонските компании бараат од Владата да се решат проблемите што им го попречуваат работењето, пред сè од административен карактер, а како најголеми се посочуваат предолгото чекање дозволи за увоз на репроматеријали, доцнењето со донесувањето закони од кои зависат многу бизнис-планови, долгите царинските постапки, премногу сертификати и документи за исти производи…
– Во производството не смее да има чекање и доцнење повеќе од седум дена. Во ред е ова што го прави Владата за да ни помогне, но има многу проблеми што не се решени. И да земеме поддршка од државата, како ќе ја искористиме кога се соочуваме со вакви тешкотии – рече Мирослав Ѓоргиовски од „Геопром“ пред вицепремиерот Кочо Анѓушев, кој вчера во Стопанската комора на Македонија ги презентира најновите мерки на Владата за поттикнување на конкурентноста.
Според Анѓушев, не е спорно дека администрацијата работи бавно и дека има проблеми, но компаниите наскоро ќе можат да ги пријавуваат тие проблеми онлајн во канцеларијата што наскоро треба да биде отворена.
Вицепремиерот апелираше до сите фирми до крајот на овој месец да аплицираат за поддршка на инвестициите. Средствата се обезбедени, и како лани, ќе бидат во целост исплатени до 25 декември.
– До моментов, 4.000 компании се квалификувани да аплицираат за мерката. Аплицирајте, средства во буџетот има и ќе бидат до денар префрлени до 25 декември, како и минатата година – истакна Анѓушев, појаснувајќи дека мерката опфаќа и нематеријално производство (на софтвери), а се однесува и на земјоделскиот сектор, во делот преработка.
Вицепремиерот за економски прашања нагласи дека за иновативните решенија субвенцијата е 30, а не 20 проценти, иако за нив е најдобро да се конкурира во Фондот за иновации, кој покрива до 70 отсто од инвестицијата.
Во врска со законот за субвенционирање придонеси и раст на плати, тој информира дека е веќе ставен на ЕНЕР каде што може да се разгледа и потоа да се достават предлози за негово подобрување. Според Анѓушев, за оваа мерка идната година ќе бидат обезбедени 40 милиони евра. Мерката ќе трае три години и е флексибилна. Важи и за сукцесивно зголемување на платите, како и за нововработените лица. Не предвидува пенали, ниту враќање средства од страна на фирмите ако вработениот, чија плата е зголемена, реши да си замине.
– Компаниите ќе плаќаат само нето-плата и персонален данок или 10 отсто. Преостанатите 37 проценти, за здравствено и пензиско осигурување, плус додатоци за социјално, ќе ги покрие државата. Нема да има потреба од никакво администрирање, постапките се максимално поедноставени. Треба само да се пополни колку е зголемена платата – објасни Анѓушев.