Состојбата во земјоделството не е добра. И покрај субвенциите, резултати нема, а нема ниту партнерски однос меѓу производителите и откупувачите
Недостиг од сезонски работници, недоволна реализација на советодавни услуги, незаинтересираност на увозниците за регистрација на заштитни препарати, особено за органското производство, се дел од проблемите што ги детектирал проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис-регулатива“. Оттаму уочиле 150 проблеми со кои се соочува деловната заедница во земјоделството. Некои од учесниците на вчерашниот форум за економски развој констатираа дека на државата ѝ се потребни големи комбинати за да има напредок во земјоделството. Според нив, за развој на аграрот е неопходно и редуцирање на регулативата, со оглед дека законите се обременети со по најмалку 50 правилници, како и вложување во технологија, механизација и човечки ресурси.
– Ниту една влада досега не создаде амбиент за развој на големи земјоделски комбинати и нема слух за нивна поддршка. Она што постоеше се уништи и сега почнуваме одново да правиме нешто што веќе го имавме – истакна Перо Колевски од ЗИК „Агрија“, додавајќи дека во Македонија засега има само четири големи капацитети: ЗИК „Пелагонија“, „Агрија“, „Вардар – Градско“ и „Везе Шари“.
Тој напомена дека државата мора да обезбеди посебна поддршка за големите компании, зашто тие го носат развојот, а не да ги третира исто како малите производители.
Абуделезел Догани од „Везе Шари“ смета дека во државата не се проблем парите што треба да се вложат во бизнисот, туку недостигот од работна сила, особено квалификувана, осврнувајќи се на сточарството што Владата го најави како еден од приоритетите.
– Прво треба да се размислува за производство на добиточна храна, односно за обезбедување на двата клучни ресурса, земја и вода – истакна Догани, апелирајќи да се стави акцент на стручното образование, кое ќе продуцира квалитетни кадри без кои нема реализација.
Според Ленче Николовска, советничка за земјоделство во кабинетот на премиерот, состојбата не е добра, бидејќи, и покрај субвенциите, резултати нема, а нема ниту партнерски однос меѓу производителите и откупувачите.
– Целта на оваа влада е работите конечно да се сменат, да се намалат производствените трошоци, да се доделуваат субвенциите навреме, до 30 јуни, да се обезбедат нови пазари, како и да се воспостави соработка, за да се развива договорното производство – појасни Николовска.
Никола Поповски, декан на Економскиот факултет на ФОН, вели дека субвенционирањето на земјоделството не значи и нужно зголемување на неговиот физички обем.
– Потребно е да се решаваат проблемите на пазарен начин и да не се потценува работната сила, зашто имаме вишок, а платите се ниски – нагласи Поповски.
Директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски, посочи дека фокусот на агенцијата е ставен на обезбедување стабилно домашно производство за помал увоз на храна, поголема конкурентност, стабилен доход, одржливи рурални средини и заштита на животната средина.
Инаку, земјоделците се пожалија на затворени врати на Платежната агенција и на добивањето решенија со задоцнување, за што советничката Николовска рече дека е резултат на досегашната слаба екипираност и организација што се менува со вработувањето нови кадри и поголемата комуникација.