Косовскиот премиер Рамуш Харадинај и министерот за инфраструктура Паљ Лекај денеска го посетија градилиштето на автопатот „Арбен Џафери“, кој ја поврзува Приштина со границата со Македонија кај Генерал Јанковиќ, при што најавија дека изградбата целосно ќе биде завршена до крајот на годинава, јави дописникот на МИА од Приштина.
Харадинај и Лекај, заедно со директорот на проектот Ријад Алкавзаи, ја посетија клучката на автопатот кај селото Доганај, од каде што се крева мостот Качаник-Генерал Јанковиќ во должина од 5,7 километри.
Алкавзаи ги информира премиерот и министерот дека на овој сегмент, кој е последен дел од автопатот што го поврзува косовскиот главен град со Македонија, се работи 7 дена во неделата во две смени, за што се ангажирани над 300 домашни компании со околу 4.000 работници.
Харадинај по посетата напомена дека мостот кој се гради на тој сегмент е најголема таква градба во целиот регион.
– Им се заблагодарив на илјадниците работници и домашни фирми, како и на професионалниот тим на „Бехтел-Енка“ за нивните извонредни заложби, охрабрувајќи ги да ја задржат динамиката за завршување на овој проект до крајот на годината. Проектот на автопатот „Арбен Џафери“, а нарочито импресивниот мост, претставува едно величествено дело, како доказ за нашата посветеност за регионално интегрирање, кое го отвора патот на остварување на аспирациите на Западен Балкан за обединување во европското семејство, напиша Харадинај на Фејсбук.