Дополнителни 187 милиони евра ќе чини изградбата на автопатот Кичево-Охрид. Со новиот трет анекс на договорот со изведувачот на градежните работи кинески „Синохидро“, што го усвои денеска на седница Владата по едногодишни преговори, се утврдени дополнителните финансии со кои на терен се најавува интензивирање на градежните работи за автопатот во должина од 57 километри.
-По една година домаќински преговори успеавме да направиме заштеди од 95 милиони евра. Ако се продолжеше со реализација на договорот по старите цени дополнителните работи би чинеа 282 милиони евра, а со новите сега тој износ е 187 милиони евра – рече на прес-конференција вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев потенцирајќи дека проектот е доведен во исправна состојба и обезбедена заштеда од 95 милиони евра. Анѓушев потсети на клучните проблеми поради кои беа во застој или забавени градежните активности како што се погрешно проектирана документација несоодветни геомеханички испитувања, нерешена експропријација.
Дополнителните 187 милиони евра, откако анексот ќе биде усвоен од Собранието, ќе се обезбедат со кредит од кинеската Ексим банка.
Како што наведе министерот за финансии Драган Тевдовски претходниот кредит за автопатот што го обезбеди поранешната Влада беше со два процента фиксна каматна стапка и рок на отплата од 20 години и петгодишен грејс период.
Со новиот анекс „Синохидро“ се согласува да изгради девет клучки кои претходно не беа предвидени, како и алтернативен пат од Пресека до Арбиново, да изведе дополнителни работи во тунелот Пресека, како и сите пропусти за вода на целата траса и ископите за стабилизација на косините и санација на свлечиштата на целата траса. По стапување на сила на анексот, изведувачот во рок од 28 дена ќе подготви детална програма за работа според реалните услови на терен согласно договорените позиции, информира министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
– Година и половина водевме тешки макотрпни преговори со изведувачот за да овозможиме пониски цени и заштеди. Свесни сме дека дел од граѓаните ќе негодуваат за повторното задолжување на државата за доизградба на автопатот, но не постои друго рационално решение. Штетите се направени од претходната Влада, а ние моравме да преговараме со врзани раце – рече Сугарески.
Како што потенцираше и вицепремиерот Анѓушев, доколку денеска треба да се склучи ваков договор актуелната Влада не би го направила тоа. По анализа на опцијата за прекин на изградбата што ќе довело до ситуација државата да остане и без автопат и да враќа пари и да плаќа голема оштета на изведувачот, се пристапило кон опцијата да се продолжи со проектот, но со претходно разрешување на сите проблеми. Реалната реализација на терен на проектот за 57-километарскиот автопат со новите услови изнесува 45 до 50 проценти.
-По стапувањето во сила на анексот се очекува интензивна изградба на автопатот што би значело тој да биде завршен до средината на 2021 година, наведе Анѓушев посочувајќи дека тоа ќе придвижи 20 проценти од градежните работи во државата и соодветно ќе се одрази на реализацијата на капиталните инвестиции. Кинески „Синохидро“ во наредниот период ќе треба да избере и нов подизведувач од домашните компании на местото на „Трансмет“ поради тековните проблеми на компанијата. Во работите на терен се ангажирани и домашните компании „Гранит“ и „Илинден“ и „Викторија“ од Албанија.
Со вториот анекс на договорот во септември годинава Владата овозможи да се користат 205 милиони евра кредит од Ексим банка исто така во насока на откочување на градежните работи. Изградбата на автопатот стартуваше во февруари 2014 година, а согласно договорот склучен од претходната Влада требаше да чини 411 милиони евра.