Почнува анкетното истражување за потребата од вештини на пазарот на трудот за 2018/2019 година, кое Агенцијата за вработување на Република Македонија го спроведува во согласност со оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2018 година.
Целта на анкетата е да се обезбедат информации за потребата на работодавците од нови вработувања во наредните 6-12 месеци и за потребата од занимања и вештини со кои треба да располагаат кандидатите за нови вработувања.
Резултатите ќе бидат основа за креирање активни програми и мерки за вработување, кои имаат за цел да ги зголемат вештините на невработените лица и да ја зголемат нивната конкурентност на пазарот на трудот.
Се очекува резултатите да придонесат за создавање услови за подобро функционирање на пазарот на трудот, преку вкрстување на понудата и побарувачката од соодветно квалификувана работна сила. Тие ќе послужат и во образовниот систем при конципирање на уписните политики и креирање нови образовни програми за занимања усогласени со потребите на пазарот на трудот.
Анкетното истражување се реализира во периодот од 1 до 31 октомври, помеѓу работодавците од приватниот сектор со седум и повеќе вработени.