Какви новини, евентуално, би донела одредбата од договорот од Нивици, која се однесува на трговските марки и на заштитните знаци, за бизнисмените засега е енигма. Од Владата посочуваат дека „ќе биде формирана комисија, која во рок од три години ќе направи анализа на сите трговски брендови и марки во Македонија и во Грција, а дополнителни усогласувања ќе следуваат кога Македонија ќе стане дел од заедничкиот ЕУ-пазар на ист начин на кој тоа приспособување го правеле сите земји-членки на Унијата“. Но во исчекувањето на усогласувањата и на сѐ што од нив би можело да произлезе, засегнатите се загрижени за иднината на своите брендови, кои, рака на срце, со гордост го носат атрибутот „македонски“

Што ќе се случи со македонските брендови, кои во својот слоган го содржат името Македонија? Која е целта на новата меѓународна група што треба да се оформи следната година? Ќе мораат ли фирмите во името на производите да ја вметнат придавката „северна“? Многу прашања произлегуваат од еден од членовите во договорот за името што викендов го потпишаа Македонија и Грција, а кој се однесува на трговските марки и на заштитните знаци. За издвојување е дека и досега за нашите вина атрибутот „македонски“, ЕУ без никаква соодветна поткрепа им го додели на Грците, при што ни беше забрането користењето!? И ова беше една од скандалозните одлуки на надлежните во ЕУ.
Сега, со договорот од Нивици, се предвидени одредби што се поврзуваат со трговските марки и со заштитните знаци, за чија реализација во план е формирање и посебна меѓународна група.
– Во врска со погоренаведеното име и термини во имиња за комерцијална намена, трговски марки и заштитни знаци, страните се согласуваат да им дадат поддршка и да ги охрабрат нивните деловни заедници да воспостават искрен, структуиран и во добра волја дијалог, во чии рамки ќе бараат и ќе постигнуваат заемно прифатливи решенија за прашањата што произлегуваат од имињата за комерцијална намена, трговските марки и заштитни знаци и за сите релевантни прашања, на билатерално и на меѓународно ниво. За спроведување на претходно наведените одредби, ќе се формира меѓународна група експерти, која ќе ја сочинуваат претставници на двете држави, а во контекст на Европската Унија и со соодветен придонес на Обединетите нации и ИСО. Оваа група експерти ќе се формира во текот на 2019 година и ќе ја заврши нејзината работа во рок од три години. Ниту една одредба од членот 1, став 3 (ж) нема да влијае на сегашната комерцијална употреба сè додека не се постигне заемна согласност, како што е предвидено во оваа алинеја – е наведено во договорот.
Какви новини ќе доведе оваа одредба за бизнисмените засега е енигма, поради што и самите бизнис-заедници остануваат неми на нашите прашања. Повеќето од соговорниците што ги побаравме не сака да ја коментираат одредбата посочувајќи ја како нејасна и двосмислена. Тие прашуваат која е целта на овој пасус, зошто е во толку завиена форма, и додаваат дека државата не може да им наметнува на сопствениците кое име ќе го одберат за брендот.

– Како ќе натерате некој сопственик на бренд, на одреден производ да го смени името на производот, кој веќе со години се продава и е баран на пазарот. Дополнително, како ќе се изведе тоа ако марката или брендот се заштитени на светско ниво. Јас не гледам друг начин освен преку добра волја на бизнисмените. Дали ова тело што ќе се формира ќе биде надзор на постојната институција за брендирање? – прашуваат бизнисмените.
Инволвираните ја бараат поентата на овој член во самиот договор. Прашуваат дали ова значи дека Грција, и со кое право, добива ексклузивно право на терминот Македонија, и дали сите фирми што во својот назив или бренд го имаат името Македонија ќе мора да го променат во „Северна Македонија“?
Сепак, има бизнисмени што изразуваат оптимизам во однос на наоѓањето решение за овој проблем.
– Проблемите што би се наметнале со менување на трговските марки се од техничка природа, кои, според мене, лесно ќе се надминат. Доколку останеше состојбата како досега, иднината на брендовите сепак ќе беше неизвесна. Можеби некои компании ќе имаат дополнителен трошок, но со тој потег проблемот ќе се надмине – изјави Мендерес Кучи, поранешен претседател на Стопанска комора на северозападна Македонија.
Од Владата на Република Македонија посочуваат дека основата на членот е формирање комисија, која во рок од три години ќе направи анализа што ќе ги разгледа сите трговски брендови и марки во двете земји.
– Додека тече утврдениот рок од три години се останува во постојаниот формат. Дополнителни усогласувања на трговски марки ќе следуваат кога Македонија ќе стане дел од заедничкиот ЕУ-пазар на ист начин на кој тоа приспособување го правеле сите земји-членки на ЕУ во процесот на нивната интеграција во насока на пошироки географски региони и споделени термини, врз основа на правилата на ЕУ за овие прашања – објаснуваат од Владата.
Но во исчекувањето на усогласувања и на сѐ она што од нив би можело да произлезе, засегнатите се загрижени за иднината на своите брендови. Многу од нив се тесно врзани и се совпаѓаат со нашиот национален идентитет, име и она што навистина сме. Неизвесностите и разногласјата што од почетокот го следат овој проблем им даваат право да се поставуваат прашања и да бараат прецизни одговори.


Како се заштитува трговска марка

Во Македонија трговска марка се заштитува во Државниот завод за индустриска сопственост и постапка за стекнување право на трговска марка може да поведе домашно и странско правно и физичко лице.
– По приемот на пријавата, доколку ги содржи задолжителните состојки, заводот го известува подносителот дека се утврдува датумот на поднесување и пријавата се запишува во регистарот на пријави на трговски марки. Доколку пријавата е уредна, Заводот испитува дали се исполнети условите за признавање на правото.
Доколку пријавата ги исполнува со закон предвидените услови и доколку се платени соодветните трошоци, пријавата се објавува во службеното гласило на заводот – е наведено на веб-страницата на заводот.
Заводот издава исправа во рок од шест месеци од датумот на донесувањето на решението за признавање на правото на трговска марка.
Трговската марка важи десет години од денот на поднесувањето на пријавата, истата таа може да се продолжува неограничен број пати и тоа за период од по десет години.
Постапката за меѓународна регистрација на трговска марка се поведува со поднесување пријава за меѓународна регистрација до заводот, во согласност со Мадридскиот договор. Уредната пријава заводот ја доставува до Меѓународното биро на Светската организација за интелектуална сопственост во согласност со одредбите на Мадридскиот договор.