Фото: Игор Бансколиев

Во Владата, меѓу другото, се разгледува можноста за воспоставување различни развојни фондови што ќе целат на проекти во јавниот и во приватниот сектор и ќе користат различни механизми за собирање капитал, при што една од можностите што се разгледуваат е создавањето фонд за поддршка на извозните компании

ПОРАДИ ПАНДЕМИЈАТА, ИЗВОЗНИЦИТЕ ГИ ГУБАТ ТРАДИЦИОНАЛНИТЕ ПАЗАРИ

Пандемијата ги промени некои од традиционалните соработки меѓу компаниите, но наметна и нови потреби и нови барања од граѓаните и од странските соработници. Извозниците укажуваат дека ги губат традиционалните пазари и алармираат дека состојбите се менуваат, што наметнува обврска за приспособување. Надлежните најавуваат поддршка за извозните компании, која може да се насочи кон освојување нови пазари преку формирање посебен фонд за поддршка на извозни компании, но и формирање други фондови со кои се цели кон посилна поддршка на стопанството, која треба да резултира со забрзан економски развој.
– Вредносниот синџир е нарушен и извозните компании ги губат своите традиционални пазари. Потребите се менуваат, а нашите компании, пред сѐ извозно ориентираните, според мене, многу тешко се приспособуваат на промените или тешко ги прифаќаат. Она што во моментот им е потребно на нашите извозно ориентирани фирми е помош во адаптирањето на овие новонастанати ситуации, побрза примена на нови технологии, подобрување на финалните продукти (изглед, квалитет, адаптација на потребите на купувачот), но и побрз пристап кон пазарите – посочува Калин Бабушку, бренд-менаџер во компанијата „Македонија експорт“.

Се разгледува можноста за воспоставување различни развојни фондови

Бабушку додава дека еден аспект на кој би требало да се фокусира идниот фонд за поддршка на извозните компании е поддршка на малите извозни компании, кои имаат голем потенцијал.
– Она на што треба да се фокусираат овие фондови, и не само овие фондови, е помош на малите извозни фирми што имаат огромен потенцијал, но некако се заборавени од државата. Тие можат многу побрзо да се приспособат, да воведат нови технологии, понапред се со приспособување кон потребите на крајните потрошувачи и, најважно, можат многу побрзо да придонесат во намалување на невработеноста. Дополнително на ова е и што можат да влијаат на подобрување на имиџот на државата во целост – посочува Бабушку.
Министерот за економија, Фатмир Бесими во своја неодамнешна колумна посочи дека се разгледува можноста да се воспостават различни развојни фондови што ќе целат на проекти во јавниот и приватниот сектор и ќе користат различни механизми за собирање капитал. Една од можностите што се разгледуваат е фонд за поддршка на извозни компании, кој преку поволни кредитни продукти ќе ги поддржи производствените компании што се извозно ориентирани.

– Друга можност е формирање фонд за инвестиции што би поддржал поголеми проекти, пред сѐ капитални – образовни проекти како изградба на градинки, училишта, спортски сали и сл., при што при изборот на компаниите што би биле вклучени во целиот процес би им се дала предност на малите и средните компании. На тој начин, од една страна, покрај инвестиции во капитални добра, би се поддржале и малите и средните претпријатија. Во рамките на Законот за алтернативни инвестициски фондови, кој е во фаза на подготовка, ќе се уреди и основање и работење на фондови за ризичен капитал, кој ќе собира инвестиции од институционални инвеститори и приватни претприемачи што ќе вложуваат поголеми износи. Предвидено е формирање и на стратегиски инвестициски фонд, наменет за финансирање инфраструктура и инвестиции. Овој фонд ќе ја обезбеди потребната финансиска поддршка за покривање на обемната инфраструктура и агенда на инвестиции во слободните – економски и индустриски зони во Република Северна Македонија. По пилотирањето, моделот може да се прошири за да ги опфати сите вакви операции во земјата, без ограничувања, но со поддршка од меѓународни приватни и институционални инвеститори. За воспоставување на дел од овие фондови, можно е да се користат веќе воспоставените институционални капацитети, како Фондот за иновации и технолошки развој, Развојната банка и Технолошко-индустриската развојна зона – посочи Бесими.

Групното финансирање, развојната обврзница… како дополнителни инструменти

Министерот објасни дека дополнителен инструмент за финансирање се планира да биде и краудфандингот (crowdfunding – групно финансирање). Временската рамка за воспоставување на овој инструмент е до втората половина на 2022 година. Исто така, предвидено е издавање развојна обврзница, нов инструмент на пазарот на хартии од вредност, кој треба да мобилизира средства за нови развојни проекти. Наедно, како што пишува Бесими, планот е со цел финансирање на заздравувањето на економијата и поддршка на забрзан и одржлив раст, одржување фискална стабилност со мобилизирање капитал од приватниот сектор и дополнување на финансиските средства издвоени од буџетот.
– Поддршката е неопходна и за извозните компании, затоа што Македонија е мала и извозот е неопходен за да обезбедиме девизи за набавка и плаќање на суштински производи за функционирање на државата – нафта, струја, технолошки производи, дел од храната, фармацевтски производи и сл. Поддршката би требало да биде со цел да јакне конкурентската способност на нашите извозни компании, преку технолошки развој, едукација, разни аранжмани со странски држави и слично – објаснува претседателот на Организација на работодавци на Македонија, Ангел Димитров.
Универзитетскиот професор Ванчо Узунов објаснува дека суштината на нови фондови е да се поддржи извозот, односно пласирањето домашни продукти на странските пазари. Според него, и во иднина фирмите ќе треба да произведуваат квалитетни производи, кои ќе се бараат на странските пазари, а средствата би се користеле за стимулирање на извозниците.

– Средствата од фондовите би можеле да се искористат за настап на други пазари. Со парите од фондовите, без нови иновативни производи, компаниите не може да направат многу. Овој фонд би бил мост за полесен настап на нови пазари, и со нив ќе се поддржи изложувањето или носењето на производите на планираните пазари. Наедно со формирање нови фондови се создава можност луѓе што имаат вишок ликвидни средства и не знаат каде да ги вложат или немаат идеја во што да инвестираат, можат да ги стават во фонд наменет за извозници, или некој друг тип на фонд, со што добиваат и шанса да ги мултиплицираат. Ова е нова можност за инвестирање во продуктивни вложувања – вели Узунов.

Како државата да го собере вишокот пари од граѓаните

Професорот објаснува дека со идеите за формирање нови фондови се создаваат можности што треба да помогнат за забрзување на растот на економијата, и во ваква состојба, наметната од пандемијата, државата ќе треба да собира пари и од граѓаните, од оние што имаат вишок.
– На овој начин наместо парите да се чуваат дома, ќе се направи нивни обрт. Она што е дискутабилно е недовербата на народот во институциите, што е еден голем проблем, на кој исто така ќе треба да се работи. Идејата што се најавува е да се зголеми понудата на фондови, а со нив и можностите за фирмите, со кои ќе им се олеснат условите за пласирање на производите на нови пазари. Идејата на функционирање на овие фондови е во поддршката што им се дава на компании што сакаат да извезат свои производи во странство, но немаат доволно средства за да ги покријат трошоците за извозот, па со овој фонд може да се покриваат тие трошоци, или, пак, да се гарантира пред банките што би ги дале тие средства дека истите тие ќе им бидат вратени. Ова се модели што постојат и кои државата ги разгледува, а потоа ќе се понудат како опција. Не мора да значи дека веднаш ќе се јават многу нови лица што ќе финансираат, но важно е дека ќе има опции, граѓаните за вложување, а фирмите за поддршка на своите проекти – вели Узунов.
Професорот дополнува дека не може да се утврди точно кога и каков ефект ќе има фондот за поддршка на извозни компании, но додава дека веднаш не може да се очекува голем ефект од еден ваков инструмент. Сепак, Узунов потенцира дека сите нови фондови или други инструменти и мерки за поддршка на бизнисот треба да дадат плод што ќе резултира со побрз економски развој.