Судијката Валентина Ѓорѓиевска ја потврди одлуката што ја донесе Собранието на доверители на 4. јули со која е прифатен планот за реорганизација на Фени Индустри.
Планот како позитивен и перспективен беше изгласан и прифатен со 96 отсто мнозинство од доверителите.
Како што соопштија од компанијата, прифаќањето на планот значи конечно излегување на Фени Индустри од стечајот и завршување на деветмесечната неизвесност за опстојување на комбинатот. Планот, што е поднесен од ГСОЛ/ ЕуроНикел предвидува нова иднина за комбинатот, поткрепена од крупни инвестициски потфати.
Реорганизацијата со инвестициските планови ќе донесе зголемување на производните капацитети, нови вработувања, рестартирање на втората производна линија, пазарна експанзија и зголемување на извозните можности. Реализирање на планот за реорганизација на Фени има позитивни импликации за целиот кавадаречки регион, но и за македонската економија. Покрај редовните плати на повеќе од 800 вработени и тековно зголемување на нивниот број, Фени соработува со приближно 200 компании од Кавадарци и околината, а базата на добавувачи на Фени вклучува над 1.000 домашни компании, чие успешно опстојување е директно поврзано со работењето на ФЕНИ.
Планот за реорганизација и намерите на сега единствениот инвеститор во Фени Индустри, ГСОЛ/ ЕуроНикел, како што наведуваат од компанијата, е позитивно оценет и од Синдикатот на индустријата, енергетика и рударство (СИЕР), кои настојуваа стечајната постапка да се заврши што е можно побрзо и комбинатот да продолжи со работа.
ГСОЛ/ ЕуроНикел досега инвестираше повеќе од 80 милиони евра во Фени.
Комбинатот отиде во стечај со долг од 67 милиони евра и повеќе од 250 кредитори. ГСОЛ ги исплати сите доверители и ги откупи долговите на Фени, и со тоа стана најголем доверител на кавадаречката компанија, а по одлуката на Собранието на доверители и на стечајниот судија и сопственик на Фени Индустри АД.