Причина за наглиот пораст на патувањата во сопствена режија во Македонија е тоа што граѓаните ја изгубиле довербата во македонските туристички агенции, од едноставна причина што во повеќе наврати се направени огромни пропусти со организираните патувања
Македонците сѐ почесто сами си ги организираат своите патување, користејќи специјализирани веб-страници или апликации, како Ер-би-ен-би, Хоум ту гоу и Букинг, но и други веб-сајтови или социјални мрежи.
Според истражувањата на Евростат, ова е нов пазарен модел, создаден под силно влијание на информатичките технологии, познат како „споделена економија“. Податоците на Евростат покажуваат дека 8 отсто, односно околу 160.000 од македонските граѓани договориле сместување (соба, стан, куќа) преку веб-страници или апликации од друго приватно лице во текот на една година.
– Овие веб-страници ги вмрежуваат физичките лица што ги нудат сопствените станови и куќи со патниците на кои им треба сместување при патување во странство или во друг град. На овој начин се заобиколуваат традиционалните хотели, а заинтересираноста е голема, бидејќи цените за сместување се поевтини – се вели во извештајот на Евростат.
Оттаму додаваат дека сместување преку Интернет од друга приватна личност најчесто резервираат жителите на Велика Британија и на Луксембург. Околу една третина од лицата на возраст од 16 до 74 години во Обединетото Кралство, односно 34 отсто закупиле стан или куќа од друго приватно лице преку веб-страница или апликација, како и една петтина во Луксембург – 22 отсто, Ирска 21 отсто, Малта и Холандија по 20 отсто. Спротивно на тоа, Република Чешка со еден отсто има најнизок процент меѓу земјите-членки, потоа Кипар е со 4 отсто, Португалија и Романија по 6 отсто, како и Хрватска со 7 отсто. Овој процент кај Бугарите изнесува 8 отсто, а кај Србите 12 отсто.
Онлајн-резервацијата на сместување во приватен стан е најчесто кај лица на возраст од 25 до 54 години и изнесува 22 отсто, покажува истражувањето на Евростат, со кое беше опфатен и уделот на споделената економија во транспортните услуги. Според него, Европејците многу помалку сакаат да ги споделуваат своите возила или да се возат со други приватни лица, односно да користат апликации слични на Убер.
Повикување такси или друг превоз преку посебни веб-страници или апликации правеле околу 8 отсто од поединците во ЕУ. Закажувањето транспортни услуги од друго приватно лице е најпопуларно кај помладата генерација, 14 отсто на возраст од 16 до 24 години.
Во Македонија овој начин на превоз го користат само 3 отсто од популацијата. На ниво на ЕУ, најголем удел на лица што користат транспортни услуги од друга приватна личност преку веб-локација или апликација е регистриран во Обединетото Кралство, Естонија и во Ирска.
Дончо Нацев, сопственик на туристичката агенција „Арбо травел“, истакнува дека модерната ера на патување во сопствена режија, која од пред неколку години е актуелна во Европа, полека но сигурно започнува да се практикува и кај нас. Многу граѓани на Македонија своите патувања ги организираат преку светски букинг онлајн-страници, претежно за подалечните и поегзотичните аранжмани.
– Причината за наглиот пораст на ваквиот тип резервации во Македонија ја гледам во тоа што граѓаните што го избрале овој вид резервации ја загубиле довербата во македонските туристички агенции, од едноставна причина што во повеќе наврати се направени огромни малверзации со организираното патување, се дозволи слободно да се регистрираат многу сезонски агенции што не ги исполнуваат основните услови за работа, се создаде нелојална конкуренција на пазарот преку нудење неквалитетни и „лажни“ аранжмани. Сето оваа придонесе дел од македонската популација до 55-годишна возраст своите аранжмани да ги организира преку разни онлајн-портали, но, од друга страна, многу од нив се соочуваат со проблеми како несоодветно сместување, отстапување од она што го резервирале, откажување аранжмани – појаснува Нацев.
Според него, негативната работа преку ваквите резервации е тоа што клиентот нема каде да се пожали и да си ги бара правата.
– Во моментов во Македонија постојат многу регистрирани туристички агенции што своите лиценци ги добиваат од Министерството за економија на РМ и се нема никаква контрола од страна на инспекциските служби колку од нив ги исполнуваат определените лиценци и закони за функционирање. Според законот на Министерството за економија за формирање и добивање лиценци, им се делат на агенции со А-лиценца и Б-лиценца – нагласува Нацев.
Тој додава дека А-лиценцата треба да ги исполнува условите да има минимум 5 вработени, лиценцирани со соодветни лиценци, како што се IATA, BSP, лиценцирани придружници, познавање на минимум еден од светските јазици, минимум едно лице со високо образование
– А-лиценцираните агенции можат да работат појдовен и дојдовен туризам, додека агенциите со Б-лиценца можат да работат само дојдовен туризам или домашен. Повеќе од агенциите со Б-лиценца во своите програми имаат програми надвор од Македонија со фиктивни договори со агенции со А-лиценца. Сето оваа придонесува многу од граѓаните на Македонија да се решаваат за ваков тип аранжман – објаснува Нацев.
Како што вели тој, време е да се донесе нов закон во туризмот, кој ќе биде подециден, закон што секоја агенција со А или Б-лиценца треба да обезбеди банкарска гаранција што ќе биде како сигурност за клиентот што патува.
– Се надевам дека во скоро време ќе биде формирано и министерство за туризам, туристичка инспекција со соодветни стручни лица што ја познаваат проблематиката од туризмот. Само вака може да размислуваме за враќање на довербата на македонскиот турист во македонските туристички агенции – смета сопственикот на „Арбо травел“
Ангел Иванов, сопственик на туристичката агенција „Адриатик Маврово“, истакна дека одморите на сопствена режија станаа тренд во последните неколку години и дека сето ова станува сѐ поприсутно.
– Добивме нова млада генерација, електронски писмени клиенти, кои не доаѓаат во агенциите да земат каталог за одмор, туку тоа го прават листајќи ги агенциските веб-страници. Веднаш може да проверат каде е сместувањето и какви се цените, потоа проверуваат во хотелите дали агенциите со цените се „пристојни“ или целиот пакет е добро склопен – објаснува Иванов.
Тој додава дека светот стана пописмен, поподвижен и поистражувачки за да можат луѓето сами да си го организираат патувањето.
– Еден од факторите што влијаат на организирањето одмор во сопствена режија е лошото искуство со лошите агенции, па клиентите се разочаруваат и одлучуваат сами да си го организираат одморот – вели Иванов.
Сепак тој смета дека клиентите треба да имаат минимум туристичка култура и сознание за стопанските субјекти.
– За нивна сигурност постојат и заштитни мерки, како договор за патување, кој им дава безмалку 100 отсто сигурност на клиентите. Се разбира дека се случуваат и непредвидени ситуации, бидејќи агенциите не продаваат свои, туку посредуваат во продажба на туѓи услуги: превоз, сместување, храна, визи и слично. Не е исклучено и клиентите да отстапуваат од договорот, а тоа може да влијае на квалитетот на изведување на програмата или услугата – нагласува Иванов.
Според него, агенциите се неколку чекори пред клиентите во однос на познавањето на темата туризам.